Бечев: Русија нема да се откаже од Македонија, но не може да го спречи зачленувањето во НАТО

Русија ќе се залага да продолжи и понатаму да се меша во внатрешните работи на Македонија, но нема моќ да го спречи нејзиното членство во НАТО, доколку се спроведе договорот со Грција за промена на името, изјави Д-р Димитар Бечев, соработник во Атлантскиот совет и истражувач во Центарот за словенски, евроазиски и источноевропски студии .на Универзитетот во Северна Каролина – Капел Хил.

Бечев, кој е и директор на Институтот за европска политика, тинк-тенк со седиште во Софија, во интервјуто „Зошто“ на радио Слободна Европа изјави дека „Русија ќе продолжи со својата опортунистичка политика на Балканот, користејќи ја секоја погодна состојба за пропагандни цели или за влијание врз сосотојбата на теренот, но Балканот не е и главен приоритет на Русија, бидејќи сега има поважни прашања за решавање“.

Според него, Русија ќе ја искористи можноста да се вклучи во внатрешните работи на Македонија, но, не е јасно какво влијание ќе има, бидејќи, засега, пристапувањето на НАТО се чини дека е сигурно. „Единствената пречка е тоа што ќе се случи во Грција, но јас не мислам дека Русија има толку многу потенцијал да го отежне овој процес, и зато ќе има многу повеќе пропаганда,“ оцени Бечев.

„Во оваа состојба постои одредена пропагандна вредност, бидејќи ако процесот се одвива тешко и постои опозиција во Македонија и во Грција, Русија секогаш може да искористи некои пропагандни аргументи, во смисла дека тоа не е легитимен процес, дека Западот ги турка, незаконскиот притисок и така натаму“, оцени Бечев додавајќи дека „ќе има нешто во оваа насока, но нема да има некој значителен ефект, ќе има повеќе пропаганда.“

Бечев вели дека е интересно што ќе се случи сега во Македонија. Во ВМРО-ДПМНЕ постои процес, тие се поделени меѓу себе, бидејќи пратениците кои гласаа за уставните амандмани се протерани од партијата и интересно е што се случува, посочи тој. Но, како што рече, овој моментум покажа дека Западот има многу повеќе влијание во Македонија, отколку Русија. Русија нема сила и не може да биде на исто ниво како Америка и Европската унија.

Политиката на Русија на Балканот е опортунистичка заклучува Д-р Бечев, додавајќи дека „ Русија ќе ја искористи секоја можност која ќе се појави и можеби од тоа и да има одреден ефект. Тоа може да биде некоја иницијатива со Србија, бидејќи Србија останува клучен сојузник на Русија. Така да ќе кажат – ОК, ја загубивме Македонија, но сепак Србија ни е многу побитна и таму ќе продолжиме со соработката околу безбедноста.“