Адеми: Црквата Св.Ѓорѓи од Курбиново е исклучителен примерок на културното наследство сочувано на тлото на нашата држава

Црквата Свети Ѓорѓи од Курбиново претставува исклучителен примерок на културното наследство сочувано на тлото на нашата држава и ремек дело на византиското сликарство во 12. век. Токму оваа црква која со своите вредности претставува дел од светското наследство треба да претставува репер за нашиот однос, почитување и грижа за нашето наследство.

Ова денеска го изјави министерот за култура Асаф Адеми на меѓународната конференција „Валоризација на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново од XII век како културно наследство од посебно значење на патеката за културно наследство во 2018 година“, во чии рамки е и церемонијата за Иницијативата „Факел на културното наследство“ во Република Македонија, во рамки на Европска година на културното наследство 2018.

– Позитивната европска традиција што е поврзана со одредени заеднички вредности, овозможува афирмација, но, исто така, бара работливост и преиспитување на ставот кон културното наследство, во смисла на тоа колку и како ние го вреднуваме и го цениме. Ова е посебно заради фактот оти културното наследство на која било земја со своите посебности и препознатливи карактеристики е интегрален дел на светското културно наследство што е сведоштво за креативноста на човештвото и затоа заштитата на културното наследство претставува нужност и морална обврска, рече Адеми.

Посочи оти одговорноста е огромна кога станува збор за наследството, посебно за идентитетските аспекти како инкорпоративни вредности на одредена заедница.

– Наша обврска како Министерство за култура е да воспоставиме доследен систем на заштита што ќе се погрижи и гарантира континуирано висока професионална заштита и реставрација на автентичните вредности на нашето богато разновидно културно наследство, рече Адеми.

Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство рече дека за 2018 е подготвена сеопфатна програма се со цел да се направи културното наследство и неговата заштита што повидливо и што поприсутно во јавноста и поприфатливо за сите генерации и за сите луѓе.

– Свети Ѓорѓи од Курбиново е една малечка црква подигната во едно далечно село во Република Македонија што ќе ве восхити со фрескоживописот на екстериерот и на ентериерот што ќе го запаметите до крајот на животот. Фрескоживопосот припаѓа на византискиот стил но на т.н. македонска ренесанса и се карактеризира со живи бои, со карактеристични претстави на лицата, со изрази на нивните лица, со сцени што се специфични и самиот тој факт доволно говори за значењето кое што овој минумент го има не само за македонската јавност, туку и за европската, посочи таа.

Втората активност во рамки на конференцијата, посочи Петрова-Митевска, е иницијативата на „Факел на културното наследство“ што ќе се одржи исто така денеска во Чифте амам.

– Оваа иницијатива е одлична можност да се промовира македонското културно и религиозно наследство, што во исто време е и европско наследство и припаѓа на европската база на цивилизациски корени во ЕУ, рече Петрова-Митевска.

Оваа иницијатива е меѓу водечките настани на европско ниво годинава и има за цел да ја подигне свеста за значењето на богатото верско наследство на Европа. Република Македонија е единствената земја која не е членка на ЕУ каде ќе се одржи церемонијата на доставување на лични писма во тн. „кутија на сеќавања“. Во рамки на церемонијата во Чифте амам ќе биде отворена и изложбата на фотографии „Свети места“.

Во фокус на конференцијата е црквата Св. Ѓорѓи од Курбиново – нејзиното значење, конзервација, но и ревитализација во насока на развојот на верскиот туризам. Истата е финансиски поддржана од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија во рамките на Европската година на културното наследство 2018.

Двата настани се во рамки на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018,која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.