Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот, порача дека нема докази за руско влијание во Македонија.
– Немам јас докази за некое руско влијание. Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против нашата интеграција во НАТО. И тоа го кажуваат многу јасно. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји и со Руската Федерација така што верувам дека сето она што претставува експликација на пријателство во Македонија ќе го разберат и пријателите од Русија затоа што нашите граѓани ќе останат на таа определба, рече премиерот, кој присуствува на Конференцијата „Денови на медиуми – ЕУ Западен Балкан“.
Заев истакна дека е запознаен со информациите за мрежи на профили кои шират лажни вести на социјалните мрежи и традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.
Премиерот ја повтори својата поддршка за саморегулација на медиумите.
– Приврзаник сум на саморегулација затоашто новинарите и медиумските работници знаат најдобро како тоа да го направат а ние како политичари и вклади сме овде тоа само да го поддржиме на начинот на којшто мислат дека тоа е најдобро, рече премиерот искажувајќи поддршка за ЗНМ и за Советот за етика на медиумите и сето она што го развиваат како нивни политики овде во Македонија за да се спротистават на лажните вести, но и на сите девијатни појави во новинарството, рече Заев.