Конференција: Македонија се соочува хибридни закани од типот на црна пропаганда

Безбедносните ризици со кои се соочуваат земјите веќе не се конвенционални, туку хибридни. Најдобар начин земјите да се одбранат од нив е да го зголемат нивото на свесност, да соработуваат со партнерите и со другите меѓународни организации, се дел од ставовите на учесниците на к онференција „Стабилизирачки ефекти од евроатлантската интеграција: Да работиме заедно против хибридните закани“ што се одржа денеска во Скопје.

– Нашето искуство во Македонија покажува дека во ниту еден момент државата не се најде во криза поради еден тип на закани и опасности секогаш проблем кога различни типови закани и слабости ќе коинцидираат. Тоа искуство треба да се има на ум кога се соочуваме со еден од големите предизвици во нашата историја – референдумот, на кој граѓаните треба да донесат одлука за отстранување на последната пречка кон полноправно членство во НАТО и забрзана интеграција во ЕУ, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа потенцира дека Македонија се соочува хибридни закани од типот на црна пропаганда, оцрнување на дел од државните и меѓународните институции и извртување на легитимните интереси на Македонија.

– Убедена сум дека ќе се справиме со овој тип закани бидејќи граѓаните знаат каква држава посакуваат и каде припаѓа Македонија. Наша задача е да го обезбедиме тој пат да ги предводиме да бидеме вистински лидери а не следбеници, рече Шекеринска.

Според неа, ова е историска шанса која ако ја испуштиме сигурно нема да се повтори во следните 10-20 години.

– Да се биде држава на Балканот, а да не се преземат сите неопходни чекори да се зацрвсти стабилноста и безбедноста на граѓаните, да се зацврсти територијалниот интегритет и суверенитет е неодговорно и е чист авантуризам, потенцира министерката Шекеринска.

Хибридните закани, рече државниот секретар во МНР Виктор Димовски, доаѓаат од земји кои заради сопствени интереси користат разни начини да ги постигнат.

– Ние во регионот не сме отпорни на вакви закани, туку напртотив иако опкружен со земји членки на ЕУ и НАТО, поради историски и геостратешки констелации можеби е ранлив повече од другите региони. Затоа главен аргумент против таканаречените сиви зони на несигурност е целосната интеграција на регионот во НАТО и ЕУ, рече Димовски.

Додаде дека клуч на борба е континуирано собирање и споделување и проценка на информациите на стратешките патнери со цел навремено откривање и одвраќање на тековните и евентуални нови хибридни активности

Мајкл Гаул, копретседавач на Работната група за новите безбедносни предизвици, рече дека меѓународната поддршка за Македонија е повеќе од јасна и дека сите големи сили сакаат да ја поддржат земјава во овој нејзин историски чин и во стратешката цел – евроатлантските интеграции.

Во однос на новите безбедносни предизвици, Гаул истакна дека против новите закани како што е кибер криминалот и радикализацијата не можеме да се бориме со оружје и со проектили и оттаму справувањето со хибридните закани е отежнато.

Тој смета дека најдобар начин земјите да се одбранат од хибридните закани да го зголемат нивото на свесност, да соработуваат со партнерите и со другите меѓународни организации.

Жан-Марк Рикли, раководител на Одделот за меѓународен ризик во Женевскиот центар за безбедносна политика рече дека Македонија е мала држава и не може да си дозволи да се занимава со ваков вид закани што претставуваат опасност и за големите сили.

– Не можете да изградите ѕид околу вас за да се заштитите. Тоа е веќе минато. Во кибер димензијата не може да градите ѕидови, бидејќи главните актери во овие закани користат и човечки и нечовечки ресурси, рече Рикли.

Тој како пример ја посочи Исламската Држава што вооружува бегалци и ги инфилтрира во другите земји што, како што кажа тој, опсегот на овие закани е многу голем.

Хрватската амбасадорка во земјава Данијела Баришиќ, која е и контакт Амбасада на НАТО, смета дека поканата на Македонија за да пристапи во Алијансата е доказ за отворената политика на Алијансата.

– Имате историска шанса на претстојниот референдум да ја постигнете целта што си ја зацртавте пред 27 години, а тоа е членството во ЕУ и во НАТО, рече таа.

Говорејќи за новите хибридни закани рече дека новата технологија освен што донела бенефити, донела и големи ризици. Посочи дека стратегиско орудие на хибридните закани се лажните вести кои се шират со многу поголема брзина за разлика од другите вести бидејќи оние кои ги шират најчесто не го почитуваат законот.

Истакна дека за да се справиме со хибридните закани, односно лажните вести, треба да се охрабрат и зајакнат меин стрим медиумите и јавните медиуми кои можат да ги препознаат лажните вести, јакнење на свеста, демократијата, владеењето на правото…