Георгиевски до бугарската јавност: Во Заев имате прагматичен политичар

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во колумната објавена за БГНЕС нагласува дека бугарскиот политички и државен врв води целосно непринципиелна политика во однос на македонскиот премиер Зоран Заев, во врска со неговата недамнешна изјава дека Илиденското востание е македонско.

Нагласува дека тој лично во период од околу три децении обидувал во Македонија до воведе нов пристап кон бугарската политика, но и да инцира ново читање на македонската историја за односните со бугарскиот народ.

– Во тие 28 години критиките најмногу ми беа насочени кон македонските митологии, лаги и историски фобии. Во таа смисла можам да се повикам на мојот личен придонес кон одреден дел од македонските граѓани да го променат своето мислење и без предрасуди да гледаат кон нашите бугарски соседи. Токму поради тоа сега си давам за право да извршам сериозна критика кон бугарската политика на Република Македонија. Јас сум сведок на целосно непринципиелната политика, поставена изминатиот период од нашите пријатели од источната земја, нагласува Георгиевски.

Според него тоа се случува кога на премирската функција во Македонија доаѓа еден „прагматичен политичар, човек, кој со леснотија го потпиша Договорот за пријателство со Бугарија, кој постојано дава позитивни пораки дека сака да биде пријател со Бугарија, правејќи храбри пекори во таа насока“.

– И покрај тоа што во сопствената партија има голем отпор против неговата политика и покрај тоа што има голема опозиција, од страна на силната ВМРО-ДПМНЕ, која не престанува да повикува дека е склучен „штетен договор со Бугарија“ и покрај тоа што е изложен на критика за потпишаниот договор од историчарите, новинарите и од различни независни интелектуалци. И да не заборавиме дека македонските социјалдемократи го создадоа антибугаризмот во Македонија, додаде тој.

Додава дека во момент кога Бугарија во западната соседна земја го има најдобриот пример, кога има разбирање и иницијатива нештата со Бугарија да се развиваат на сцена стапува една крајна арогантност, наглост, демонстрација на целосно непознавање на внатрешните состојби во Макеоднија и длабоко поткопување на позициите на својот пријател.

– Состојбите се движат како на филмска лента. Прво беше измислен проблемот со Северна Македонија. Дали тоа име претставуваше закана за бугарските национални интереси? Да не заборавиме дека името „Северна“ не ги исполува со ентузијазам Македонците, а доаѓа по три децении тешки преговори со Грците. А кога веќе стана неопходно да се промени името на државата, неопходно е да се зачува и одредено достоинство, аналогно на слични примери во меѓународната политика, додава Георгиевски.

Тој вели дека смета оти одредени ултранационалисти можат да ја злоупотребат придавката „Северна“ со иредентистички цели, но додава дека истото толкување може да се прави и со придавките „Горна“ или „Вардарска“, а најмногу ако нема промени и ако остане Република Македонија.

Георгиевски и порачува на бугарската јавност дека во Заев има прагматичен пријател.

– Немојте да дозволите толку лесно да ја изгубите неговата наклонетост, затоа што можеби во моментот е единствениот политичар подготвен да се извини за нешто што не згрешил. Ако тој падне, да се појави втор таков ќе чекате две-три децении, додава тој.

Тој го критикува односот на Бугарија кон проблемот со МПЦ и изразува жалење што мнозинството, како што вели, не разбра колку храбар чин направи Македонската православна црква, иницирајќи Бугарската православна црква да ја признае за мајка црква.

Тој го осудува и чинот кога на претседателот, Ѓорге Иванов не беше примен од бугарскиот премиер за време на неговата службена посета во Бугарија.