За само една година Република Македонија од проблематична изолирана држава денес е партнер од доверба на НАТО, партнер од доверба на нашите соседи и партнер од доверба на сојузнците, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод одбележувањето на Денот на АРМ-18 Август.
Пред една година застанав пред вас во други околности – запоставена армија, запрени реформи, преполовен буџет, занемарена армија и нејзини припадници. Денес конечно можеме да ги дефинираме одбранбените реформи и да ја обезбедиме заслужено членство во НАТО.
Според неа, една година не е доволна да се спроведат сите реформи, но не изостанал напредокот во областа на одбраната, со тоа што една од првите мерки било зголемување на платата од 10 проценти за вработените во одбраната и зголемување на буџетот во одбраната за 15 проценти, со цел да се постигнат НАТО стандардите.
– Го вративме фокусот на клучните реформи во одбраната и членството во НАТО со исполнување на Стратешкиот одбранбен преглед и Стратегијата за одбрана. Со ова покажавме дека Република Македонија знае што сака и каде сака да оди со што постигнавме една од стратешките цели, а тоа е покана за членство во НАТО и почеток на процесот за пристапување во ЕУ. Што е одраз на силната консензуална определба и амбиција која трае повеќе од 20 години, но потребни се резултати, конкретни и видливи, рече Шекеринска, додавајќи оти целта е знамето на Македонија да стои во Брисел во НАТО како дел од најмоќната воено политичка Алијанса.
Таа најави дека од септември ќе се организира курс за подофицери што не бил реализиран од 2009 година и до крајот на годината ќе има нови 375 професионални војници во Армијата, а е отворен конкурс и за одбранбено аташе во Париз.
Придобивките од членството во НАТО ќе се почувствуваат и во економијата, оцени таа.
– За неколку недели граѓаните ќе имаат историска шанса да се изјаснат за една подобра држава, со зацврстен идентитет и јазик кои нема да бидат оспорувани, со што ќе се зацврсти иднината за идните генерации, истакна Шекеринска.
Во тој контекс посочи дека со внимание ги следат лажните вести кои се шират, како што кажа, смислено и намерно за да ги дискредитираат овие процеси и граѓаните да го изгубат од вид стратешкиот приоритет на државата.
– Во овие тешки моменти дури и нападот со лажни вести и лаги нема да не спречат во нашата стратешка цел, Македонија да биде стабилна и безбедна држава која ќе биде дел од НАТО и ЕУ.
Претседателот на РМ и Врховен командант на АРМ, Ѓорѓе Иванов истакна дека АРМ во изминативе години исполнувала големи задачи и во услови кои од година во година станувале се посложени и поризични.
– Армијата е неутрален чувар на територијалниот интегритет и независноста на земјата. Таа ја штити границата, сувереноста, безбедноста и унитарноста на Република Македонија. Армијата им помагаше на своите граѓани во справување со природните непогоди, а учествува и континуирано во мировните мисии ширум светот, рече Иванов.
Според него, македонскиот придонес не е симболичен, туку стуштински. Иако Македонија се уште не е во НАТО, Армијата на РМ де факто е во НАТО и затоа земјава не скршнува од зацртаниот евроатлански пат.
– Најголем предизвик за армијата за време на мојот мандат беше во 2015 година, со мигрантската криза. Во услови на длабоки политички поделби, протести и контрапротести, кога многу институции беа парализирани, а многу процеси блокирани, постоеше опасност територијата на Македонија да биде преплавена од мигрантски бран, рече Иванов, додавајќи оти Армијата успешно се соочила со сите предизвици и целосно ја оправдала неговата доверба и довербата на сите граѓани.
Според него, не треба да се заборави дека припадниците на Армијата се наследници на македонските борци, кои биле водени од чисти мотиви и праведни цели.
– Ние немаме темна дамка во историјата од која би се срамеле и за која би се извинувале. Македонските борци се бореле за слобода и човечки правдини и биле на вистинската страна на историјата. Илинденците се бореа против тиранијата, а партизаните против фашизмот и нацизмот. Вие припадниците на современата АРМ се борите против заканата од насилниот екстремизам и глобалниот тероризам, рече Иванов.
Истакна дека се повеќе треба да се ивнестира во одбраната, во современите технологии поради новите хибридни закани, а најважна е инвестицијата во подобрување на животниот стандард на Армијата, истакнувајќи дека военото лидерство треба да биде имуно на партиски и политички притисоци.
На денешната церемонија беше извршено примопредавање на функцијата началник на Генералштаб на Армијата. Досегашниот Методија Величковски е заменет со генерал мајорот Васко Ѓурчиновски.
Величковски на примопредавањето на фунцкијата рече дека најзначајна работа за време на извршувањето на неговиот мандат била што Македонија доби покана за членство во НАТО.
Ѓурчиновски преземајќи ја функцијата на нов 11 по ред началник на ГШ рече дека со цело свое знаење ќе придонесе АРМ да биде во највисок степен на воена готовност, со цел граѓаните да бидат спокојни и безбедни.
На денешната церемонија бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев беше одликуван со медал на Легија на заслуги од Армијата на САД како благодарност за неговиот ангажман како воено аташе во САД од август 2015 до февруари 2018 година и за неговиот придонес за унапредување на соработката меѓу САД и Македонија во услови на екстремни политички превирања во Македонија.
На централната свеченост четворица потполковници беа унапредни во чин полковници, додека од бригаден генерал во чин генерал мајор беше унапреден Павле Арсовски. Беа доделени и благодарници на институции за поддршка на Армијата, а парични награди на вработени во Армијата на Република Македонија.
На свеченоста присуствуваа и пратеници во Парламентот, поранешни министри за одбрана и началници на ГШ на АРМ, пензионирани генерални наАРМ, амбасадори и воени аташеа во РМ и високи гости од повеќе институции.