Честитка за Илинден од Обединетата македонска дијаспора

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во честитката за Денот на Републиката – 2 Август Илинден повикува на одбрана на македонското име, историја и идентитет во време, како што наведува –  кога е сериозно загрозен нивниот континуитет.

Осврнувајќи се на историските Илиндена од 1903 и од 1944, ОМД  посочува дека ја памети жртвата на македонските синови и дејци кои, како што пишува, со своите прогресивни заложби и толкувања на светот како поле за културен натпревар помеѓу народите, важат за пример на многу генерации и општествени чинители.

– Историјата на македонскиот народ изобилува со политичко угнетување и неправда, но како тогаш, така и сега, ОМД верува дека треба да се остане истраен во интерес на македонските идеали за самоопределување и сопствена држава. Земено предвид дека секоја генерација има своја битка, во спомен на непокорот и жртвата на нашите предци, ОМД повикува на достоинствена одбрана на македонското име, историја и идентитет, во време кога сериозно е загрозен нивниот континуитет, пишува во честитката на ОМД.