Премиерот Зоран Заев на седница на пратенички прашања рече дека не повлекол ниту една кривична пријава од оние што ги поднеле против функционери од поранешната власт додека беше лидер на опизицијата. Повлечени се, рече, само оние за кои во предистражната постапка не биле обезбедени материјални докази. Меѓу таквите е пријавата против поранешниот министер за транспорт и врски.
– Тогаш јавно објавив за поднесување кривични пријави против функционери на поранешната власт, вклучително и на функционери од ДУИ. Ние немаме повлечено кривична пријава која е поднесена од нас за нив. Една од пријавите беше против поранешниот министер Миле Јанакиески и некој функционер од ВМРО-ДПМНЕ вработен во Телеком да се исклучи телефонот во СДСМ за време на избори. Предистражната покажа дека не се исклучил телефонот, и точно е, не се исклучил, тоа останало на муабет. Знам дека таа постапка е повлечена, како што се повлечени и неколку други каде не се обезбедени материјални докази. Но поголем дел од пријавите поднесени од нас се процесуирани во натамошни постапки, некои се во судски постапки, дел се со поднесени обвиненија, а дел се во истражни постапки, рече премиерот одговарајќи му на пратеникот Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.
На прашањето на овој пратеник зошто се толерира универзитет во Струга, кој тој не го именуваше, а го нарече „јавно претпријатие каде само се доделуваат дипломи“ и каде се бркаат просветните инспектори, Заев одговори Државниот просветен инспекторат постапува по закон и не го интересира, како што рече, каде припаѓа универзитетот – и територијално и сопственички.
– Ќе му дадам налог на ДПИ да постапи согласно закон за универзитетот кој го спомнувате. Веројатно мислите на универзитетот на градоначалникот Мерко, за кој се зборува, или на кој и да мислите меѓу универзитетите во Струга. Ако мислите дека се работи за сите универзитети во Струга, тогаш дефинитивно ќе дадам налог да направи контрола на работењето на сите универзитети во Струга. Сега е време на распуст за да се направат контроли за акредитациите, професионалноста во вршењето на наставните програми и во издавањето дипломи, но ве уверувам нема цена која ќе го спречи владеењето на законот. Ќе дадам налог да се постапи исклучиво по закон и да се издаде решение – ако е се во ред – потврдно, ако не е да се отстранат слабостите, рече Заев.