Премиерот Зоран Заев на лидерската средба што вечерва треба да се одржи во Клубот на пратеници, на маса како тема ќе го стави референдумот, кој согласно договорот со Грција треба да се спроведе наесен.
– Од лидерската средба очекувам да ја дефинираме темата референдум. Тоа знчаи да го определиме датумот за одржување на референдумот, да го дефинираме референдумското прашање, карактерот на референдумот, Државната изборна комисија и сето она што е поврзано со референдумот. Очекувам да се одважиме и да покажеме дека навистина сите сме за Европската унија и НАТО и дека сме за обезбедување на иднина на Македонија и на сите наши граѓани, рече Заев одговорајќи на новинраски прашања при денешната посета на Штип.
Тој испрати и порака да се испочитува тоа што граѓаните го очекуваат од партиите, а како што кажа, им е обврска и по Уставот и по законот и да се реализира она што како партии претходно се договориле.
– Испразнетиот ДИК по оставките да го пополниме. На последната лидерска средба заедно објавивме дека е постигнат ваков договор. Законот е донесен ако не се лажам некаде во мај и треба да го реализираме. Државата нема Државна изборна комисија од крајот на минатата година и тоа треба да го завршиме, вели Заев.
Премиерот исткна дека Законот за измените на Изборниот законик е пуштен во собраниска процедура од прагматични причини, за државата да може да функционира и се надева дека македонскиот Парламент ќе одлучи да ги пополни испразнетите места во Државната изборна комисија.