Сто и педесет рецензии за концерти на домашни и странски музички уметници, есеи, портрети, интервјуа, занимливости и анегдоти соодржи „Про музика“ – петта книга на музикологот и композитор Костадин Костадиновски. Книгата ја објави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и беше промовирана денеска во рамки на програмата на фестивалот „Скопско лето“.
Костадиновски рече дека книгата е пишувана како и претходната „Одгласи од концертните сали“, исто така објавена од ДКУС. Нејзината содржина, рече, црпи од истиот фонд од неколку илјади рецензии, портрети и есеи од сите музички жанрови – фолк, забавна, џез и сериозна музика, резултат на неговата 55-годишна музиколошка и публицистичка актива. Најмногу од нив се од времето кога бил музички рецензент на Македонската радиотелевизија.
– Тоа се блескави драгоцености за музичките уметници што сведочат за нивната креативна визија и интерпретаторски дострели документирани во оваа интересна публикација како документ на едно време, а уникатната концепција со музичките занимиливости и анегдоти ја збогатуваат и имаат едукативна улога, внесувајќи и релаксациска нота, рече Костадиновски.
Во рецензијата за книга Томе Манчев наведува дека таа е тридецениска историја од музичкиот живот, која ги задржува најстрогите критериуми на вреднување, а благодарение на елоквентноста и креативната вокација на авторот, македонската музиколошка мисла е издигната на завидно ниво. Со пет изданија од музичката критика, истакнува Манчев, Костадиновски е најплоден и најзначаен македонски музиколог.
– Силно вдахновените рецензии, есеи, портрети, значајни настани, занимливости и анегдоти, што ги напишал во изминатите 55 години на неговата творечка актива, ислустрирани се и со 50 фотографии на најпознати музички уметници и ансамбли од Македонија, Европа и светот, пишува Манчев во рецензијата за изданието.
Костадин Костадиновски (1938) е автор на околу пет илјади музички критики. Дипломирал на музиколошкиот отсек на ФМУ во Белград. Работниот век го поминал како музички уредник во МРТ каде што реализирал голем број емисии од сите музички жанрови, а особено од џезот. Во мноштвото интервјуа што ги направил се и интервјуата со познатите џез-музичари Дјук Елингтон, Чик Корија, Бети Картер, Сесил Тејлор…
Покрај тоа што е автор на пет музички публикации, Костадиновски е творец и на неколку фестивали, меѓу кои „Фолк фест Валандово“, „Интерфест Битола“, „Тетовски филиграни“, „Еврофест“… Компонирал и педесетина естрадни песни, а добитник е и на неколку награди и признанија.