Мисајловски: Заев повторно го понижи македонскиот народ

Зоран Заев повторно го понижи македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.
Зоран Заев вчера на странска телевизија, ги кажа прашањата кои одлучил да ги постави на референдум на кој што македонските граѓани треба да се изјаснат за сопствената иднина. Тоа не го стори ниту на македонската телевизија или некој од македонските национални медиуми, туку на грчката национална телевизија.

Зоран Заев без никаква консултација со Претседателот на Република Македонија или со ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија, побрза да ја информира грчката јавност за детали од референдумот на кој што ќе гласа македонскиот народ.

Повеќе од очигледно е дека на Заев ниту му е важен ниту националниот консензус околу ваквите суштински теми, ниту му е важно што мислат граѓаните во земјава. На Зоран Заев му е важно само да го испорача тоа што го ветил без разлика на цената што ќе ја плаќаме сите, вклучително и идните поколенија.

Уште потрагично е тоа што Заев ја смируваше грчката јавност, објавувајќи ја манипулацијата што ја смислил, а тоа е поврзување на членството во ЕУ и НАТО со комплетно обезличување на македонскиот народ.

Вистината е дека никој во ЕУ и НАТО не бара обезличување на македонскиот народ. Никој не бара бришење на Република Македонија и македонскиот идентитет. Никој не бара откажување од македонската историја, традиција и култура. Никој никогаш не побарал ставање на фуснота на јазикот или дообјаснување на националноста.
Почитувани,

Зоран Заев е срам за македонскиот народ и нема легитимитет да биде Премиер на Република Македонија. Каков е тој Премиер кој што се плаши да го изговори името на земјата што ја води?

Зоран Заев вчера и јавно се откажа од Македонците во Егејска Македонија, нарекувајќи ги хеленистички Македонци и потврдувајќи ги идентитетските разлики со сите наши сонародници кои живеат надвор од границите. Зоран Заев вчера го прекрсти Солун во Тесалоники. Ги заборави македонските топоними, а договорот уште не е стапен на сила. Србите или Бугарите имаат право Солун да го викаат Солун, но Заев им го укинува тоа право на Македонците.

Тажно е што Зоран Заев повеќе се труди да допре до Каменос или другите грчки лидери, отколку што се труди да обезбеди домашен консензус за прашања од највисок државен и национален интерес.

Очајно е тоа што Заев е позагрижен за грчките национални интереси и секако придобивките кои ќе ги почувствува грчкиот народ, отколку за штетата што ја предизвикува тука, во Република Македонија. На Македонија, ваков премиер не и е потребен!
Затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат во недела на протестниот марш кој што го организираме во Струмица, со почеток во 13 часот во градскиот парк во Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *