Во Македонската опера и балет вечер од 21 часот во рамки на „Скопско лето“ премиерно ќе биде изведен балетскиот перформанс „Метаморфоза“ по концепт и кореографија на Ивана Коцевска, на музика на Филип Глас и Иван Пенов.
Музиката на пијано ќе ја изведе Дино Имери, а на сцената ќе бидат 13 танчари. Костимографијата е на Милена Атанасова, а Сашо Алушевски е автор на фотографијата за плакатот.
Според кореографката Коцевска, „Метаморфоза“ е современ балет кој се занимава со телото како субјект на состојби и сензации.
– Кореографското интервенирање во просторот не е преку техниката и формите, туку преку нивно генерирање. Целта е да се исцртуваат различни позиции на телата кои се менуваат во него, наведува Коцевска.