Прашањето за името може и треба да биде решено следната година, изјави медијаторот Метју Нимиц по вчерашните разговори во Брисел со преставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис.
– По толку многу години, не постои магично ново име што може да се појави од никаде и да го реши прашањето. Решението ќе биде најдено со политичка волја и добра дипломатија, рече Нимиц.
Според медијаторот и во Грција и во Македонија е подобрена климата за решавање на прашањето за името. Разговорите во Брисел, како што посочи, поминале во добра атмсофера. Најави дека преговорите ќе бидат интензивирани во наредниот период со нови средби во Њујорк во јануари, февруари и март.
Нимиц оцени дека владите во Атина и Скопје решавањето на прашањето за името го ставаат високо на своите агенди и имаат намера и натаму да работат на подобрување на меѓусебните односи.
Нимиц не кажа дали на средбата излегол со нов предлог.
Претходно, грчката телевизија „Стар“ објави дека „Нова Македонија“ е предлогот за кој ќе се разговара во Брисел.
Во прилогот објавен во централните вести на телевизијата, се наведува дека „доколку Скопје се согласи со овој предлог ќе се отвори патот за решавање на прашањето за името во првата половина на 2018“, како што најавија и премиерот Алкесис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.
„Стар“ наведува дека првичниот грчки предлог бил „Вардарска Македонија“, но сега се дошло до предлогот „Нова Македонија“, како што било во 1992 година во т.н. пакет „Пинеиро“, што тогаш бил одбиен.
– Немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично, рече денеска премиерот Зоран Заев, прашан за коментар на пишувањата на грчките медиуми за предлогот „Нова Македонија“.
– Веројатно тоа е предлог на медиумите, ние немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично. Она кое што веруваме дека овие денови ќе се разговара е потврда на желбата на двете страни за суштествено да навлезат во решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Изрази надеж дека под посредништвото на Нимиц ќе биде потврдена заедничката желба на двете страни и на Македонија и на Грција за изнаоѓање на вакво решение.
– Ние на нашата страна јавно тоа го потврдуваме. Тие се и напатствијата на нашиот преговарач и се надевам дека состанокот ќе заврши во позитивна атмосфера за да можеме понатаму да очекуваме разработка на можни решенија на овој проблем, изјави Заев.
Холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп, од своја страна влера изјави дека Европа будно ги следи преговорите, што се водат во Брисел меѓу Македонија и Грција, со посредство на преговарачот Метју Нимиц.
– Фер е да се каже дека никој не очекува дека прашањето ќе биде решено утре, но важно е дека изминатите месеци имаше позитивни иницијативи и дека работите одат во позитивна насока, истакна Пломп.
Тој нагласи дека холандската Влада нема позиција за спорот со името.
– Можам само да кажам дека мојата Влада се надева дека двете земји ќе најдат решение, додаде амбасадорот.