Гувернерката на НБРМ на форум на ЕЦБ во Пртугалија

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Форумот на централно банкарство на Европската централна банка (ЕЦБ), што традиционално се одржува во Синтра, Португалија.

Годинашново издание на Форумот започна вчера и тематски е посветено на одредувањето на цените и платите во напредните економии – тема која во изминатиов период зазема централно место во дебатите за монетарна политика на глобално ниво. Денеска, по обраќањето на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, учесниците на Форумот дискутираат за макроекономските аспекти на оваа тема, додека сесијата и панел-дискусијата што ќе се одржат утре се посветени на нејзиниот микроекономски аспект. Во текот на утрешниот ден, на Форумот ќе се одржи и панел-дискусија за политиките на централните банки, соопшти НБРМ.

На Форумот, покрај највисоките претставници на ЕЦБ и гувернерите на централните банки, учествуваат и професори од најреномираните универзитети од Европа и САД и значајни учесници на меѓународните финансиски пазари.

Во Синтра, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе има и одделни разговори со повеќе гувернери на централни банки, со високи претставници на меѓународните финансиски институции и организации и со истакнати меѓународни експерти за монетарна политика.