За локалната патна мрежа во Крива Паланка ќе се обезбедат 44 милиони денари

Општина Крива Паланка во 2018 година за реализација на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалната патна мрежа планира да обезбеди 44 милиони денари.

Дел од средствата, 15 милиони денари се од буџетот на општината, четири милиони денари од Јавно претпријатие за заштита на патишта на Република Македонија, додека останатите е планирано да се обезбедат од Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за финансиска поддршка на рурален развој и донации од амбасади на европски држави.

Со Програмата ќе се изврши доработка и комплетирање на постоечка доументација и усогласување со законите заради обезбедување дозвола за градба и аплицирање на повици за проектите за изградба и реконструкција на улица покрај Дурачка Река, на потегот Центар за култура-Маневски мост, спој на улицата „Горан Стојановски” кон Белевски дол, како и техничка документација за населба Бегови бавчи-ул.„Пере Тошев“ и дел од улица „Лисец“.

Наредната година ќе се врши доизградба на потегот улица „Климент Охридски – Цонев рид-Белево”, ќе се асфалтираат делови од улиците „Лисец“, „Херој Карпош“, „11-ти Октомври“, „Пере Тошев“, додека се планира поплочување со бекатон или асфалтирање на крак од ул.„Никола Тесла“, дел од ул.„Партизанска“ кај Домачки дол, крак од ул.„Моша Пијаде“ во м.в. Спротивска маала и пешачки пристап од Осичка маала кон магистрален пат А2.

Програмата предвидува и изготвување и докомплетирање на постоечка техничка документација на локални патни правци во селата Градец,Мождивњак-Острец-Каврак, Трново-Караула Коприва, Метоф-Дренак, Кошари, Конопница, Длабочица, Кркља, Стамболици-Крстата Падица, Градец-Испосница на св.Јоаким Осоговски и други со вкупна должина од над 60 километри.

Составен дел од оваа Програма е и одлуката од 24 декември 2010 година, усвоена на седница на Советот на општина Крива Паланка за утврдување на висината на надоместокот на користење на локална патна мрежа за изградба на комерцијални и други објекти, со што ќе се обезбедат финансиски средства за одржување и заштита на локалните патишта и улици во општината.