Истражување: Политизацијата и длабоката поделба ја разниша довербата во медиумите

 Политизацијата и длабоката поделба на медиумскиот сектор ја разниша довербата на граѓаните во медиумите, од кои 66,3 проценти сметаат дека во медиумите има пропаганда, 57,9 дека користат говор на омраза и 52,4 дека се корумпирани. Шеесет проценти од граѓаните се убедени дека медиумите немаат влијание врз нивните ставови, додека половина од медиумите очекуваат само да информираат, а не и да понудат решенија.

Ова го покажува истражувањето „Граѓаните и новинарите за професионалноста во медиумите“ изработено во рамки на проектот „Истражувачкото новинарство чувар на демократијата и човековите права“, спроведен од Центарот за управување со промени и Институтот за човекови права.

Според Гоце Пачемски, еден од авторите на истражувањето, сепак 79 од граѓаните веруваат дека медиумите можат да бидат катализатор на промени во општеството.

Јасна Бачовска Недиќ, коавтор на анализата, посочи дека таа покажува дека Македонија е телевизиско општество, каде 47 проценти од граѓаните се информираат од телевизиите.

-Граѓаните најмногу се информираат од приватните телевизии, а растечки тренд имаат интернет-порталите, што водат пред социјалните мрежи. Анализата покажа дека 86,5 проценти од граѓаните имаат пристап до пет или повеќе телевизии, изјави Бачовска Недиќ.

Посочи дека анализата покажала дека новинарите имаат самосвест за кризата и состојбата во медиумите каде 71 процент од новинарите сметаат дека нивниот углед е низок, а високи 89 проценти дека се корумпирани. Таа посочи дека за разлика од тоа, 52,4 проценти од граѓаните се сигурни дека има корупција во медиумите.

Бачовска Недиќ посочи дека интересно е тоа што 76,7 проценти од новинарите сметаат дека не се специјализирани да вршат тематско и истражувачко новинарство, а 92 проценти дека новинарската професија е недоволно платена.

Истражувањето е поделено во две анкети, од кои првата спроведена во периодот од 30 мај до 9 јуни 2017 година на репрезентативен примерок од 1.203 граѓани, додека вториот дел од 27 јуни до 10 јули на 163 новинари. Анкетата е спроведена во Скопје, Битола, Кичево, Куманово и Тетово.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *