Србија ќе ги подобрува малцинските права, меѓу кои и на Македонците

Владата на Србија усвои Предлог закон за измена и дополнување на законот за националните совети на национлните малцинства, меѓу кои е и македонското малцинство, кој што наскоро ќе влезе во собраниска процедура.

Како што информираа од кабинетот на српскиот министер за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ, целта на владата со тој закон е да се унапреди работата на националните совети на националните малцинства, особено појасно да се дефинираат и ускладат нивните надлежности, да се намали прекумерната политизација и да се овозможи нивното транспарентно финансирање.

Како што појасни Ружиќ, „Националните совети се финансираат од буџетот на републиката, од автономната покраина и единиците на локалната самоуправа и важно е да како и останатите организации кои се носители на јавни овластувања, да работат и средствата да ги трошат транспарентно“.

Министерството за државна управа и локална самоуправа подготви четири закони во областа на подобрување на правата и положбата на припадниците на националните малцинства со цел да се обезбедат уште подобри услови за остварување на нивните права во областа на образованието, културата, информирањето и вработувањето.

– Би сакал да ве потсетам дека ние со измените на Законот за матични книги предвидовме и доброволно упишување на националноста во матичните книги, што ќе ни овозможи подобро да ги донесеме и имплементираме политиките, имајќи ги во предвид новите податоци, рече Ружиќ.

Оваа година е изборна, нагласи тој, бидејќи на есен ќе се одржат и избори за нови национални совети и ги повика припадниците на националните малцинства да ги проверат податоците во Посебниот избирачки список, кој е доброволно наменет исклучиво за малцинствата во Србија за да можат да гласаа за своите национални совети.

Минатата недела, во Белград се одржа средбата меѓу министерот Ружиќ и македонскиот министер задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, на која разговараа за измените на законите за изборите во Србија и работата на Македонскиот нацинален совет во Панчево.

Министерот Адеми по состанокот изјави дека меѓувладиниот мешовит комитет на есен ќе се состане за првпат од 2004 година кога е и потпишана спогодбата, а секако тука се октомври и ноември кога се и изборите за нациналните совети и изрази верување дека сето тоа ќе помине во најдобар можен тек и во интерес на македонското национално малцинство во Србија.

Ружиќ тогаш изјави дека со оглед на тоа што македонската влада многу посериозно и поагилно се занимава со своите државјани во дијаспората ширум светот, ние успеавме да најдеме заеднички именител на нашата заедничка соработка.

Во Србија според последниот попис од 2011 година, 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност. Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *