Заев-Харадинај: „Дива населба“ нема да влијае на добрите односи меѓу Скопје и Приштина

Македонија и Косово развиваат добра соработка и ги продлабочуваат односите. Случајот „Дива населба“ е чувствително прашање што не треба да предизвика проблеми во билатералните релации, оценија премиерите на Македонија и на Косово Зоран Заев и Рамуш Харадинај на заедничката прес-конференција по денешната средба во Приштина.

Заев и Харадиунја истакнаа дека разговарале за заеднички проекти како што е автопатот Скопје – Приштина и за аспирациите на двете земји за интеграција во евро и евроатланстките структури.

– Косово и Македонија имаат добри односи и ги обединува евро-атлантската перспектива. Со Заев разговаравме за продлабочување на соработката и за обврските што во тој контекст, треба да ги завршат двете влади, изјави Харадинај.

На средбата, како што потврдија и двајцата, станало збор и за случајот „Дива населба“.

– Тоа прашање не треба да биде пречка во нашите односи. Таму имаше убиени неколку полицајци и ќе има меѓународна истрага за да се дојде до вистината, рече Заев.

На средбата премиерот Заев го поканил косовскиот колега да ја посети Македонија.

Заев во рамки на еднодневната посета на Косово, ќе има средби и со косовскиот претседател Хашим Тачи и со претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели.

За време на престојот во Косово, македонскиот премиер ќе се сретне со претставници на Македонско – косовската бизнис заедница.

Во македонската делегација, што ја предводи премиерот Заев, се министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, како и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.

Посетата на Заев е прва официјална посета на премиер на Република Македонија на Република Косово.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *