САД ги поддржуваат заложбите Македонија да стане развиена и просперитетна демократија и дел од евроатлантските структури, но еден од главните предуслови за тоа е владеењето на правото и борбата против корупцијата, порача денеска во Тетово американскиот амбасадор Џес Бејли.
Амбасадорот на САД денеска одржа предавање за борбата против корупцијата пред управата, професорите и студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
– Постоењето на корупцијата ја намалува довербата од граѓаните за власта, ги прави институциите слаби и ранливи на притисок и ја ослабува и намалува економијата, а во случајот со Македонија го загрозува и нормалното одвивање на процесот во придружување кон евроатлантските структури, рече Бејли.
Истакна дека корупцијата ја има во сите општества, но сите делови од општеството треба да се борат со оваа појава, а како главни чинители во оваа борба ги наведе политичкото водство со силна и изразена волја за борба против овој феномен, градење силни институции без политичко мешање и активно граѓанство.
– Во основа се се сведува на тоа граѓаните лично да решат повеќе да не бидат дел од коруптивниот круг, бидејќи според информациите од претставничката на УНДП во Македонија Луиза Винтон 30 отсто од митото граѓаните го понудиле, без тоа некој да го побара од нив, рече амбасадорот Бејли.
Во своето обраќање тој употребуваше примери на откриена и санкционирана корупција во САД, Индија, Кенија и други земји, а во однос на Македонија го спомена вчера потпишаниот документ за борба со корупцијата од страна на премиерот Зоран Заев.
Посочи дека тој ќе остане само парче хартија ако не се спроведе во општеството за што е потребно активно и силно граѓанство.