Петнаесет филмови на „Скопје синема сити“ од 6-ти до 10 јуни

Музиката и нејзиното филмско претставување е во фокусот на програмата на четвртиот фестивал „Скопје синема сити“ (ССС) чие летно издание ќе се одржува од 6-ти до 10 јуни во Кинотеката на Македонија. Во петте фестивалски дена ќе бидат прикажани 15 филмови.

Како што претходно беше објавено, фестивалот ќе биде отворен со филмот за јапонскиот композитор Руичи Сакамото „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот беше прикажан премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017, а потоа и на годинашното Берлинале.

Ќе има и претфестивалска програма со изложба на џез-фотографии на фотографката Татјана Ранташа од истакнати македонски џез-уметници од различни генерации. Паралелно со нејзината изложба, насловена „Македонска џезтетика – Ранташа Татјана, фотографии“, настап ќе има и Гоце Стевковски Квинтет.

– Бидејќи централно место има музиката, оваа изложба кореспондира со селекцијата на џез-филмови, и од домашна и од странска продукција кои се на програмата. На програмата се застапени филмови за познатата музичка куќа „Blue Note Recordsс: Приказна за современиот џез“, „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“ заедно со кратки филмови од продукцијата Види Вака за Зоран Маџиров и Драган Ѓаконовски Шпато, соопшти ССС.

Вториот ден на фестивалот ќе биде посветен на познатиот современ композитор Филип Глас со филмовите „Филип Глас: Гледајќи го Глас“ и култниот уметнички филм „Којанискатси“.  На 8 јуни ќе биде прикажан „Лунарна Орбита“ за познатиот електронски состав „The Orb“, а потоа „Визијата за рајот“ на Ли Скреч Пери. На 9 јуни ќе бидат прикажани филмовите за Бил Еванс, кој е еден од најпознатите џез-пијанисти на сите времиња и „Буена Виста Соушал Клаб, Адиос“.

На програмата се и два филма на македонскиот режисер Јордан Дуков за македонските состави „Љубојна“ и „Conquering Lion“ дел од Телма докубенд серијалот. На завршниот фестивалски ден ќе бидат прикажани „Студиото Ханса крај ѕидот 1976-90“ и „Кобејн: Монтажа на еден пекол“.

Влезниците може да се купат на билетарницата на Кинотека на Македонија и онлајн на МКтикетс. Повеќе информации се достапни на веб-страницата  www.nomad.com.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *