Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одбележува 69 години од основањето

Со молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј со кој чиноначалствуваше  Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан почна чествувањето на патронатот на УКИМ како и славењето на Денот на сесловенските просветители 24 Мај.

Ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски на свеченоста потсети дека УКИМ, што годинава одбележува 69 години од основањето, е најголемиот, најстариот универзитет во Македонија.

– Нашиот универзитет е најстарата високообразовна институција во земјава, со најголем број студиски програми што ги има над 500, така што идните кандидати, студенти на нашиот универзитет ќе имаат убава можност да одберат според желбите, потребите и афинитетите, рече Јанкуловски.

Истакна дека развојот на универзитетот најдобро го гледа во подобрување на квалитетот на студиските програми, привлекување што поголем број странски студенти, и додаде оти од особено значење претставува и интернациопналната размена со Еразмус програмите на студенти и на професори.

Пред споменикот на светите Кирил и Методиј беа положени цвеќиња од претставници на факултетите и институтите во рамки на УКИМ, како и од рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак.

Звањето почесен професор на Универзитетот (proffesor honoris causa) беше доделено на проф. д-р Фридрих Хербст, професор на Медицинскиот универзитет во Виена – универзитет „Зигмунд Фројд“, во знак на признание за достигнувањата во наставно-едукативната, научно-истражувачката дејност, како и за големите заслуги во развојот на македонската абдоменална хирургија.

Хербст рече дека се чувствува горд и почестен што токму тој е одбран за ова звање, посочувајќи дека првите контакти со УКИМ датираат уште од 2003 година.

– Во 2006 година ми беше доделена титулата визитинг професор, што беше причина за зајакнување и олеснување на меѓусебната соработка. Во 2009 ми претставуваше особена чест да присуствувам на свеченостите по повод 60-годишнината од основањето на универзитетот и по тој повод да го претставам мојот Универзитет, рече Хербст.

Хербст има голем придонес во унапредувањето на македонската хирургија и медицината воопшто. Активно учествува во едукацијата на кадри од Клиниката за дигестивна хирургија, со практично изведување операции, особено со методата на минимално инванзивна хирургија на абдоменот.

Вечерва во Македонска филхармонија ќе се одржи свечена академија, на која ќе се обратат ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски и премиерот Зоран Заев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *