Командантот на мисијата на КФОР на Косово, генерал-мајор Салваторе Куочи, денеска престојуваше во официјална посета на МО и ГШ на АРМ.
Како што соопшти ГШ на РМ, генералот Коучи за време на престојот имал одвоени средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски.
– На првиот официјален состанокот оваа година помеѓу делегацијата на КФОР и дел од персоналот во ГШ на АРМ се разговараше за безбедносната состојба во регионот, актуелната ситуација со мигранската криза и потенцијалните алтернативни рути на движење, соработката со силите на КФОР во однос на актуелните безбедносни ризици и терористички закани, се наведува во соопштението од ГШ.
Делегацијата, како што се посочува, имала можност да се запознае со активностите на АРМ поврзани со актуелната состојба на јужната граница поврзана со мигрантската криза, како и можноста за користење на армискиот полигон Криволак за обука и вежби на персоналот на мисијата.
– Од страна на командантот на КФОР пред ГШ на АРМ се презентира безбедносната состојба во својата зона на одговорност во Косово, состојбата со мигрантските рути низ Косово, како и за останатите активности на КФОР, соопшти ГШ на АРМ.
Генералите Величковски и Куочи за време на состанокот посочиле дека воспоставената одлична соработка на АРМ и силите на КФОР и присуството на мисијата се од големо значење за безбедноста и стабилноста во целиот регион.
Делегацијата во текот на еднодневната посета на Република Македонија ќе го посета и на Министерството за внатрешни работи.
Соработката со силите на КФОР е изразена преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин воспостановен во јуни 2007 година, кој има задача за координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување и медицинска евакуација. Преку овој центар АРМ посредно учествува во мисијата КФОР, а во понатамошниот период АРМ ќе учествува во штабот на мисијата со свој припадник со што повеќе ќе се зајакне таа соработка, се посочува во соопштението.