Писмена реакција за преговорите за името

Почитувани,

После лидерската средба, јавната потврда дека Премиерот Зоран Заев застанува зад предлогот„ Република Илинденска Македонија“ за севкупна употреба и одбивањето на истиот предлог од Владата на Алексис Ципрас, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

После овој кукавички и предавнички чин на Заев, Димитров и Шекеринска Татковината е уште еднаш понижена и со неповратно изгубени позиции. Заради лекомисленоста, наивноста, сервилноста и предавничкиот менталитет на актуелната Влада, Македонија и Македонскиот народ е на колена. Предлагањето на „Република Илинденска Македонија“ за ново Уставно име со тврдење дека се зајакнува Македонскиот идентитет, а само еден час подоцна Грчката Влада да го одбие предлогот со циничен поздрав што Владата ја прифатила нивната уцена „ерга омнес“ е политичко самоубиство за Заев, Димитров и Шекеринска. Си заслужија места на темната страна на Македонската историја како политичари кои се срамат и се откажуваат од античките корени на сопствениот народ и кои отидоа до таму јавно да прифатат промена на светото Уставно име, а претходно тврдеа и ветуваа дека никогаш нема да се согласат на ова. Направија непроценлива штета на националните интереси, го предадоа Македонскиот народ и за тоа треба да соочат со сопствената одговорност. Ќе биде ужасно тешко Татковината да излезе од кашата која и ја подготвија група на уценети политичари кои се нафатија да се обидат да спроведат ВЕЛЕПРЕДАВСТВО!

БАРАМЕ ОСТАВКА ОД ВЛАДАТА! ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ И РЕФЕРЕНДУМ ЗА ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ МОРА ДА ИМА!

Македонската Алијанса одамна предупредуваше да не се влетува во Грчката замка. Стотици пати повторувавме дека Грците сакаат да го поништат Македонскиот идентитет, да не обезличат како народ. Ние од Дијаспората трпевме серија навреди од Владините мегафони дека сме биле националисти затоа што сме барале прекин на преговорите. За жал, ниедна лекција од минатото не беше доволна за Заев, Димитров и Шекеринска да разберат дека Грција всушност преговара за да не се договори никогаш! Една друга генерација политичари смени Устав, се откажа од Државното знаме со симболот на сонцето од „Кутлеш“, прифати ПЈРМ, потпиша Времена Спогодба и тоа не беше доволно за Грција. Со ветото на Караманлис и Бакојани, директно пркосејќи на интересите на САД, Грција не блокираше на НАТО Самитот во Букурешт пред 10 години. Сега нема друг излез освен итен прекин на преговорите за името. Се додека нашите меѓународни сојузници не обезбедат спроведување на пресудата на Хашкиот Суд и покана за членство во НАТО Алијансата согласно Времената Спогодба, нема за што понатаму да преговараме.

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *