Партиите без формален став за предлогот за нов гувернер

 Анита Ангеловска – Бежоска е новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов за гувернер на Народната банка на Република Македонија, откако актуелниот гувернер Димитар Богов се повлече од кандидатурата претходно доставена од  Иванов, под влијание на, како што рече, реакциите и роковите за избор на гувернер.

Политичките партии се уште тактизираат за предлогот Ангеловска – Бежоска да биде нов гувернер на НБРМ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев вчера изјави дека новиот предлог на Иванов за жена гувернерка која доаѓа од редот на професионалци – експерти, ја заслужува поддршката. ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавија дека ќе го разгледаат новиот предлог на Иванов и дополнително ќе се произнесат, а ДУИ се уште не го изнесе ставот во врска со предлогот Ангеловска – Бежоска да биде гувернер на НБРМ.  

Претседателот Иванов на 27 април 2018 година го достави предлогот до Собранието со кој повторно го предложи Димитар Богов за гувернер на НБРМ. Предлог, кој, како што се изјасни парламентарното мнозинство и ДУИ, нема да добие поддршка во Собранието и нема да биде изгласан, а во функција на надминување на состојбата се одржа и средба меѓу премиерот Зоран Заев и Ѓорге Иванов. На средба одржана на 7 мај беа согласни дека НБРМ не смее да се остави без гувернер.

– Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата, се согласија Иванов и Заеви и заклучија дека треба во соодветниот рок Македонија да избере гувернер.

Мандатот на актуелниот гувернер Димитар Богов истекува на 21-ви овој месец. Вчера ја повлече кандидатурата за втор мандат.

Во пишаната изјава за МИА Богов посочи дека со внимание ја следел дебатата во јавноста поврзана со предлогот по вторпат да биде именуван за гувернер на Народната банка на Република Македонија и оти одлуката ја донел имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите во политиката и роковите за избор на гувернер.

Оцени дека Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер и очекува решение во најкус можен рок, што ќе биде во интерес на Република Македонија.

Новиот гувернер кој ќе го наследи ќе биде  Анита Ангеловска – Бежоска, доколку ја добие поддршката во Собранието на Република Македонија. На оваа функција ќе дојде од вицегувернерско место во НБРМ. Таа е осум години на функцијата вицегувернер во Народната банка на Република Македонија, задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика, а по втор пат за вицегувернер е избрана во септември 2017 година, кога добила поддршка во Собранието од 97 пратеници. Од вкупно 98 кои гласале само еден пратеник бил воздржан.

Претседателот Иванов смета дека Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка на Република Македонија е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија.

Предлогот на Иванов за новиот гувернер во Собранието треба да добие поддршка од 61 пратеник. Според собраниски извори изборот ќе биде ставен на дневен ред на седница на Собранието закажана на 21 мај 2018 година.

Димитар Богов беше седум години гувернер, четири години вицегувернер во НБРМ.

Анита Ангеловска Бежовска треба да биде петтиот гувернер на Народната банка на Република Македонија и прва жена на оваа позиција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *