Анализа на Вестминстер: Просечната плата во јавната администрација од 18.174 до 90.215 денари

Од 18.174 денари кај административните државни службеници во Секретарјатот за спроведување на Рамковниот договор до 90.215 денари во Регулаторната комисија за домување е движењето на просечна месечна нето плата во јавната администрација, покажува анализата направена од Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа“.

Анализата дава приказ на движењето на платите во јавната администрација од 2010 година до сега, како и просечните месечни бруто и нето плати по вработен за одделни буџетски корисници и вработените во регулаторните тела.

– Анализата покажува дека најголеми средства за бруто и нето плати по вработен на месечно ниво во 2016 година се издвоени за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, и тоа по 96.071 денар просечна бруто, осносно 63.854 денари просечна нето плата по вработен, а најниски месечни расходи за бруто и нето плати во 2016 година биле реализирани во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор со најниска месечна бруто плата од 26.542 денари, или 18.174 денари месечна нето плата по вработен, потенцираат од Вестминстер.

Просечните бруто и нето плати, додаваат, на сите 10 регулаторни тела се поголеми од просечната бруто и нето плата во државата. Тие се движат од 58.291 денар месечна бруто, односно 39.033 просечна месечна нето плата по вработен, во Комисијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, до 136.194 денари просечна месечна бруто или 90.215 денари просечна месечна нето плата по вработен, во Регулаторната комисија за домување.

Според податоците во буџетот за 2016 година, просечниот износ за плати и надоместоци (бруто износ) по вработен кај сите буџетските корисници на централниот буџет изнесува 42.563 денари, што е за скоро 10.000 денари поголем во однос на просечната бруто плата во Република Македонија за 2016 година, или просечната месечна нето плата по вработен кај сите буџетски кориници за 2016 година која изнесува 28.700 денари, што пак е поголема за 6.360 денари од просечната месечна нето плата во земјава.

– Од 2010 година до денес, може да се забележи тренд на зголемување на просечната месечна бруто плата во секторот јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување и тоа од 36.800 во 2010 на 41.300 во ноември 2017 година. Ваквиот тренд на зголемување е поголем од зголемувањето на просечната месена бруто плата која од 30.225 денари во 2010 година се искачи на 34.079 денари, што значи дека разликата помеѓу просечната месечна бруто плата во секторот јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување и просечната месена бруто плата во РМ од 6.575 денари во 2010 година се зголеми на 7.215 денари во ноември 2017 година, велат од  Вестминстер.

Сличен тренд, додаваат, бележи и нето износот, кој од 24.855 денари во 2010 година, се зголеми на 27.805 денари во ноември 2017 година, што во однос на просечната месечна нето плата е повеќе за 4.300 ден. во 2010 година, односно 4.609 денари во ноември 2017 година.

Бројот на вработени во секторот јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување е во постојан пораст и од 42.474 во 2010 година, се искачил на 47.364 во 2016. што претставува околу 15 отсто од вкупно вработените во Република Македонија за време на анализираниот период.

Вработените во секторот Јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување според податоците од ноември 2017 година имале повисока просечна месечна бруто и нето плата од повеќето сектори на дејност. Единствено секторите: Финансиски дејности и дејности на оситувурвање (62.789 бруто/42.204 нето), Информации и комуникации (54.716 бруто/36.919 нето), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (54.355 бруто/36.446 нето), Рударство и вадење камен (42.912 бруто/28.979 нето) и Стручни, научни и технички дејности (41.827 бруто/28.507 нето) имаат повисоки месечни бруто и нето плати од секторот Јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *