Во Софија рекапитулар, не и конечно решение за името

Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се сретнат на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија на 17 мај.

Вниманието на јавноста во двете земји е фокусирано на претстојната средба, која како што најави македонскиот премиер на почетокот на минатиот месец во интервју за МИА ќе биде мошне важна во процесот на обновените преговори за решавање на спорот за името.

Заев, пак, вчера одговарајќи на новинарско прашање дали на 17 мај ќе има средба со Ципрас како датум на конечен договор рече дека таа средба не е од оние закажаните што ги чекавме.

– Јас се уште немам точен термин кога би била средбата, но знам дека грчката страна потврди дека на маргините ќе најдеме време да се видиме. Целта е да направиме еден рекапитулар на тоа што досега е разговарано, да го потврдиме и да знаеме дека сме го завршиле, а истовремено да им дадеме насоки и на министрите, додаде Заев.

Тој нагласи дека времето е кратко и дека се појавуваат информации дека се ќе се реши на 17 мај, но не е така, бидејќи суштински е делот што е останат за разговори.

– Јас верувам дека пред се треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот совет, тоа е 25, 26, па 28 и 29 јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации. Затоа што, како што реков, процесот, ако е тоа можно, да биде поддржан од сите, додаде премиерот.

Премиерот Заев во интервјуто за МИА на почетокот на минатиот месец рече дека кога ќе биде закажана следната средба меѓу него и Ципрас всушност ќе значи дека преговорите се при крај и оти решението е на повидок.

– Верувам дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу мене и Ципрас. Тоа ќе значи дека напредокот во разговорите стинал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите. Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба меѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение, истакна Заев во интервјуто за МИА.

Воздржан оптимизам за можноста за решение во пресрет на средбата на двајцата премиери вчера изрази и грчкиот алтернативен министер за надворешн работи, Јоргос Катругалос.

– Направена е систематска работа, прашањата се стигнати до нивното јадро и сега е време да се разговараат на највисоко ниво. Имаме водржан оптимизам дека може да имаме договор, вели Катругалос и ги демантира информациите објавени во медиумите во Грција во текот на викендот, за одреден временски рок и преоден период за имплементација на договорот.

Тој вели дека договорот нема да наликува на Времената спогодба, ќе биде комплетен и нема да остава „опашки“, затоа што во спротивно нема да биде согласно со поставенте грчки предуслови.

– Може да има временски период за прашањата што не можат да се решат во моментот на потпишувањето, но во никој случај нема да биде Времена спогодба како претходно, објаснува Катругалос.

На средбата Заев-Ципрас и претходеше интензивна недела на преговори, во рамки на која се очекуваше да се отворат спорните прашања, пред се опсегот на употреба на името, но и барањето на Грција за измени во македонскиот Устав.

Меѓутоа по последната состанок на шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот на ОН Метју Нимиц, кој се одржа во Сунио викендов, а кој траеше речиси шест часа, не беа изнесени детали од разговараното.

– Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, на моменти интензивно. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија следната седмица на 17 мај. Во основа ова е пораката што ја имам, рече Нимиц по средбата.

Тој не излезе со други детали, а изјави за медиумите не дадоа ниту министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува во организација на бугарското Претседателство со ЕУ, ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и регионот.

Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Поврзаност во смисла на транспорт, енергија и дигитална инфраструктура, образование и други аспектие темата на Самитот.

На Самитот ќе му претходи неформална вечера на шефовите на држави или влади на ЕУ, како дел од агендата на лидерите.