БПЦ: Очекуваме наскоро да бидеме во посакуваното единство

На Светата божествена литургија што се одржа во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, а на која чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на владиката Наум и свештенството на струмичката епархија, присуствуваше и бугарскиот епископ Велички Сиониј кој прочита писмо во име на бугарскиот поглавар патријархот Неофит.

– Во црковната меморија е запишано за делото на Светите 15 Тивериополски свештеномаченици кое е општо за нашите цркви и нашите православни народи. Во православниот свет, нивната жртва е еден од фундаментите на верата и црковниот живот. Во илјадагодишната историја на христијанството, маченичката крв се преобразувала во благодатно семе за зголемување на верата во Исус. Истото се случило и со жртвениот подвиг на Светите 15 маченици, стои во писмото од бугарскиот поглавар Неофит.

Бугарскиот патријарх очекува скоро Македонската православна црква и Бугарската православна црква да бидат во посакуваното единство.

– Нашите молитви се со вас и со црквата на Република Македонија. Господ да даде во најскоро време да бидеме во посакуваното единство и благодатно евхаристиско општење. По молитвите на Светите 15 Тивериополски маченици Бог да ви дава вас и на вашата епархија, мир и спокојство, честит празник, за многу благодетни години во братска и несебична љубов кон Христа, се вели во писмото од бугарскиот патријарх што го прочита епископот Сиониј.

Писмо до МПЦ деновиве упатил бугарскиот патријарх Неофит кое ќе биде објавено на сајтот на струмичката епархија, рече отец Јаков, игумен на манастирот „Свети Антониј“ во Ново Село.

– Од писмото кое е упатено може да се види дека тоа е обраќање од сестринска црква, а она што се шпекулира во јавноста за мајка и ќерка црква тоа се однесува кон останатите православни цркви и доколку сакаме да го толкуваме тоа тогаш тоа е акт на љубов отколку некаква позиција, рече отец Јаков.

Струмица денеска го празнува заштитникот на градот Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, група христијански светци и маченици од IV век. Своите животи во име на христијанството ги загубиле во времето на римскиот цар Јулијан Отпадникот. Тие биле погубени на овој ден во Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *