Алаѓозовски и Шилегов се заложија за враќање на стариот сјај на Универзалната сала

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска потпишаа писмо за намери преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала.

Салата веќе две години е затворена за посетители, а нејзината изградба предвидено е да почне во 2019 година.

Министерот Алаѓозовски истакна дека објектот е од исклучително значење за остварување на јавниот интерес во културата и културните потреби на нашите сограѓани и на Скопје како културен центар на државата.

– За жал, нашата метропола, поради состојбата во која се наоѓа Универзалната сала, нема соодветен простор за културно-уметнички манифестации меѓу 1.000 и 5.000 илјади луѓе. Во моментов нашите национални установи од културата во Скопје, филхармонијата, операта, Македонскиот народен театар и другите театри излегуваат во пресрет за да се надомести овој недостиг, но тоа создава дополнителни предизвици во нивната редовна дејност, рече Алаѓозовски.

Според Шилегов, реконструкцијата на Универзална сала како симбол на солидарноста во изминатите години беше само предмет на манипулација од претходната власт.

– Предизборно беа изработувани и презентирани во јавноста многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Ниту претходната локална, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала. Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години нанзад Универзална сала пропаѓа, рече Шилегов. Додаде дека има ветил на„ Златните славејчиња“ за јубилејниот 50-ти роденден оти ќе пејат во новата Универзална сала.

Тој смета дека Универзална сала треба да се врати онаква како што била и повторно да претставува културно средиште на нашиот град. Најави дека изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и пристапност. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани со дополнителни содржини за други културни манифестации.

Одговарајќи на новинарско прашање Шилегов посочи дека постојат неколку проекти за Универзална сала но, како што рече, дел се недоразработени, дел се изведени надвор од постапка и процедура, со необезбедени финансиски средства и поради нив Универзална сала е во тешка финансиска состојба. Должи 200.000 евра за проект кој е нарачан, а не се знае од кого и нема средства за негово плаќање. Шилегов додаде дека ќе се најде најоптималното решение и ќе се врати старото име на салата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *