ЦРМ: Бесплатната правна помош за новинари и медиуми од годинава ќе се финансира „по случај“

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) денеска соопшти дека, програмата „Бесплатна правна помош за новинари и медиуми тужени за навреда и клевета“, што е финансирана од страна на британската организацијата МЛДИ (Media Legal Defence Initiative), од оваа година ќе го применува принципот на финансирање „по случај“, наместо досегашниот „месечен паушал“ за Адвокатската канцеларија „Медарски“ , што ги застапува тужените во рамките на програмата.

Дејан Георгиевски, од ЦРМ посочи дека поради постојаното опаѓање на бројот на нови случаи на навреда и клевета против новинари и медиуми, што секако е заслуга на програмата, како и поради изедначување на приодот во сите земји каде што МЛДИ поддржува слични програми за правна помош на новинари и медиуми, од оваа година, освен промената на принципот на финансирање, ќе биде ограничен и бројот на случаи што ќе бидат прифатени за одбрана и застапување.

– За оваа година е донесена одлука да бидат прифатени пет случаи за одбрана и застапување на новинари и медиуми кои се тужени за навреда и клевета, прецизираше Георгиевски.

Лазар Сандев од Адвокатската канцеларија „Медарски“ наведе дека голем број од случаите, што биле застапувани од нивна страна, завршиле успешно, што позитивно се одразува врз слободата на изразување.

Програмата „Бесплатна правна помош за новинари и медиуми тужени за навреда и клевета“, во својата досегашна форма, настана во 2013 година, со цел да одговори на новосоздадената ситуација по усвојувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012 година.

Поради префрлување на огромен број случаи од кривичните во граѓанските судови, околу 80, како и користење на тужби за навреда и клевета како средство за притисок врз новинарите и медиумите со цел тие да замолчат или да прибегнат кон самоцензура, беше нужно програмата во Македонија да излегува од вообичаената рамка за финансирање на слични програми што МЛДИ ги поддржува во повеќе земји ширум светот. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *