Ден на Европа – Македонија се врати на европскиот пат

Македонија годинава го прославува Денот на Европа – 9 Мај со чиста препорака за почеток на преговори за членство во Европската унија и очекувања за добивање конкретен датум за отпочнување на иститe на јунскиот Совет на ЕУ.

Извештајот што го објави Европската комисија на 17 април за напредокот на земјата и чистата препорака за почеток на преговори е резултат на сработеното во речиси сите области. Во изминатите два извештаи поради политичката криза, препораката беше суспендирана и условена со демократски реформи.  Годинава, препораката е чиста и безусловна, со што Македонија го исполни основниот демократски критериум за почеток на преговори.

Препораката за почеток на преговори за влез во Унијата и пофалби за напредокот во реформите и добрососедските односи, лично во Скопје минатиот месец ги донесоа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Македонија од 2005 година е земја кандидат за членство во Европската унија.

– Македонија во април 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 аплицираше за членство, а во декември 2005 се стекнавме со статус земја-кандидат. Во 2009 година по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја добивме за првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш наваму девет пати по ред, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини, досега тоа не се случи, изјави за МИА Драган Тилев, државен советник и координатор во Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Според него, факт е дека заради таквиот продолжен процес и губењето на елан и енергија се создадоа услови за внатрешни политички поместувања, што земјата ја доведоа до ситуација да и се случи 27 април, што во нашиот случај е без преседан напад на Собранието, како рефлексија на двегодишната продлабочена политичка криза, што, како што вели Тилев, неминовно се рефлектираше и на нашите односи со ЕУ и со другите меѓународни партнери.

Поради тоа, како што истакна последната и претпоследната, како и препораките во 2015 и 2016 беа условени препораки – условени со Пржинскиот договор, имплементацијата на итните реформски приоритети, и спроведување коректни избори.

– За среќа од една таква длабока криза, земјата со новата влада, новото парламентарно мнозинство, успеа да се врати во многу кус временски период на евроатлантскиот пат. Обезбеди слух кај нашите меѓународни партнери и обезбеди цврста подлога за градење партнерство со земјите-членки на ЕУ. Сето тоа резултираше со една забрзана реформска агенда, која Владата ја врами во својата годишна програма за работа, меѓутоа и за целиот нејзин мандат, а пак фокусот на реформите се дефинираше преку планот 3-6-9, вели Тилев за МИА.

Реформите, наведе, обезбедената инклузивност и со партиципирање на опозицијата во донесувањето на клучните реформски закони и продлабочениот континуиран дијалог со невладиниот сектор, сето тоа го препозна меѓународната заедница, го препозна ЕУ и клучните фактори – Германија, Франција, Италија, Велика Британија, Австрија, вклучително и Грција и Бугарија.

– Со овие две наши соседни држави кои се членки на ЕУ и на НАТО, воспоставивме честа комуникација, со Бугарија го потпишавме Договорот за добрососедство, што долго време седеше спорен, непотпишан и веќе почнува да се имплементира. Дијалогот со Грција оди во вистинската насока. Како ќе заврши тоа е прашање на преговарачите и политичарите кои треба да ги донесат одлуките како понатаму тоа ќе се движи и ќе се рефлектира на целиот процес. Останува да видиме во наредните неколку недели и неколку месеци, вели Тилев.

Најважно, според него, е тоа што Македонија се врати на евроатлантската агенда и оти Западниот Балкан, вклучително и Македонија е вратена во агендата на приоритетите на ЕУ.

Сите овие елементи, оценува тој, февруарската стратегија за Западен Балкан, априлскиот пакет за проширување, позитивните сигнали на Брисел, на Софискиот самит во јуни треба да резултираат со позитивни одлуки на Советот на ЕУ.

Самитот, пак, ЕУ-Западен Балкан на 17 мај во Софија, на кој на иста маса ќе седнат лидерите на ЕУ и западнобалканските лидери, ќе биде фокусиран на делот на конективност – транспорт, енергетика, дигитално поврзување, како и безбедносните аспекти кои Западен Балкан го прават посебно интересен. – Колку е важен овој регион во геополитички амбиент, вклучително и Македонија, покажа и мигрантската криза, кога Македонија одигра клучна улога во спречувањето на мигрантскиот бран и притисокот и ударот на Европската унија, оцени Тилев.

Според него, Бугарија одиграла многу позитивна улога, бидејќи во целото свое претседавање го задржа Западен Балкан на врвот на својата агенда.

– Убедени сме дека Австрија ќе продолжи да ја игра таа позитивна улога бидејќи има силен интерес регинот да се интегрира пред се од безбедносен, но и од економски аспект бидејќи се граничи со овој регион, потоа следува Романија, Финска и потоа во почетокот на 2020 ќе претседава и Хрватска, што е уште една држава која има директен придонес во Западниот Балкан, вели Тилев за МИА.

Оценува дека 2018 е клучна година, и доколку се случат позитивните одлуки на Советот на ЕУ во јуни може да очекуваме да ги почнеме и пристапните преговори.

Во тој контекст нагласи дека два елементи се клучни од геополитички аспект – тоа е јулскиот самит на НАТО во Брисел, каде што исто така се очекува дека Македонија ќе биде предмет на дискусија, можеби и предмет на одлука, и потоа ден-два потоа, е Лондонскиот самит, односно продолжувањето на Берлинскиот процес, каде исто така се очекуваат позитивни сигнали во однос на финансирањето на клучни инфраструктурни проекти преку Западно-балканскиот инвестициски фонд.

Историјат на ЕУ

На 9 мај 1950 година, Роберт Шуман го презентира предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент. Предлогот познат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на тоа што денес претставува Европската унија.

Првично, активностите се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и за железо на земјите основачи – Германија, Франција, Белгија, Италија, Луксембург и Холандија. Денес ЕУ ја сочинуваат 28 земји членки, но со референдумот во Велика Британија и одлуката за излегување на земјата од ЕУ, бројот на членки ќе биде 27. Со Брегзит, мигрантската криза, терористичките напади и со подемот на популизмот, ЕУ се соочува со еден од најголемите предизвици од своето постоење.

Предизвици на Унијата – дали проширувањето е приоритет

Иако проширувањето е аспект од кој ЕУ не се откажува, секако ова прашање не е прироритетно со оглед на предизвиците со кои се соочува Унијата внатре во неа – внатрешното реформирање, Брегзит, мигрантите, унапредување на владеењето на правото во одредени земји-членки, кои постојано се мета на критики.

Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер минатиот месец на денот кога беа објавени извештаите за напредокот на земјите рече дека ЕУ има потреба да прими нови членки од Западен Балкан со цел да се избегне ризик за нова војна во регионот.

– Ако не се отвориме за државите од регионот и ако не им дадеме европска перспектива, ризикуваме нова војна како што видовме во 90-те години, изјави Јункер.

Сепак според Јункер до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија нема да бидат исполнети условите за влез на некоја земја од Западен Балкан во ЕУ. Потоа секоја нова членка ќе мора претходно да ги вгради дејствувањето на правната држава и вредностите на ЕУ.

Истиот ден францускиот претседател Емануел Макрон со став дека ЕУ не треба да прима нови членки додека интеграцијата не се продлабочи и не бидат спроведени реформи.

Тој во говор пред Европарламентот нагласи дека „сака државите од Западен Балкан да бидат примени во европскиот проект, но оти времето за нивно членство се уште не е дојдено“.

Сепак според Јункер до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија нема да бидат исполнети условите за влез на некоја земја од Западен Балкан во ЕУ. Потоа секоја нова членка ќе мора претходно да ги вгради дејствувањето на правната држава и вредностите на ЕУ.

На 17 овој месец во Софија ќе се одржи Самитот ЕУ-Западен, во организација на бугарското претседателство на Советот на ЕУ. На Самитот ќе присуствуваат сите лидери на државите-членки на ЕУ и Западен Балкан.

Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ заедно со претседателот на ЕК Јункер.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со владина делегација ќе учествуваат на Самитот, чија тематика е „поврзаност“ – во смисла на транспорт, енергија и дигитална инфраструктура, образование и други аспекти.

Европската комисија на почетокот на месецот предложи нов Нацрт-буџет за периодот 2021-2027 година, со која се предвидува издвојувањето на земјите членки на Унијата за заедничката европска каса да се зголеми од еден на 1,114 проценти од националните БДП.

Во новиот Нацрт-буџет за периодот 2021-2027, предвидени се 14,5 милијарди евра за претпристапните фондови за земјите кандидати и аспиранти за членство во ЕУ, но не и средства за прием на нови земји членки. Во претходните буџетски периоди Унијата за претпристапните фондови издвојуваше околу 11 милијарди евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *