Саемот на книгата со поголема посетеност, издавачите задоволни но очекуваат и нов простор

Издавачите се задоволни од годинашниот Саем на книгата кој завршува вечер, со оценка дека иако е на нова локација го задржал ланското ниво на посетеност, а во ВИП Арена „Борис Трајковски“ ги имале потребните услови. Сметаат дека спортска сала е несоодветна за саемска манифестација, но со оглед на околностите, овој заменски простор, според нив, бил најдобро решение зашто е обезбеден континуитетот на саемот кој на ова издание наполни 30 години.

Според податоците од Скопски саем, посетеноста е дури и надмината од 2017 година. Заклучно со вчерашниот, претпоследен ден,  на саемот имало 44.300 посетители, од кои 21.500 ученици. Тие наведуваат дека е надмината вообичаената посетеност зашто во овој број не е внесен одѕивот од последниов ден, а лани во сите денови имало околу 45.000 посетители и тоа во неколку саемски хали на старата локација.

– Соработката со Министерството за култура како покровител на манифестацијата, Владата на Република Македонија, Град Скопје заедно со ЈСП со воведувањето на двете вонредни линии придонесоа, покрај промената на локацијата на Саемот на книгата, овој саем уште повеќе да го зацврсти неговото постоење. Ова е голем напредок кој резултираше со извонредна бројка од 44.300 посетители, а саемот уште не е завршен. Кога сите релевантни институции ќе ја дадат поддршката за ваква манифестација, успехот е неизбежен, изјави Сања Кондарко, проект-менаџер на Саемот на книгата.

Најбројни на саемот биле младите читатели, пред се учениците. Нивните групни посети поради јубилејот беа бесплатни. Како и во минатите години, најголема посетеност имало во сабота кога доаѓаат посетители и од други градови на државата. За полесен и директен пристап до ВИП Арена „Борис Трајковски“, ЈСП „Скопје“ воведе две наменски линии од Ново Лисиче и од Ѓорче Петров и автобусите на двете релации сообраќаа до и од саемот шест пати дневно во шесте саемски дена.

На штандовите на околу 70 издавачи се нудеа изданија од различни жанрови од домашни и странски автори, стручна и научна литература, енциклопедии, учебници, прирачници… Издавачите ги промовираа своите нови публикации, постарите ги имаа на попуст и се задоволни од продажбата.

Според изјавите од неколку претставници на издавачки куќи, најголем интерес од читателите, пред се од младите, имало за наслови од белетристиката, како и од психологијата, особено за мотивациските книги.

Горјан Лазаревски, претседател на Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ) рече дека имале успешно издание со поддршка на Скопски саем и покровителство на Министерството за култура, а за салата „Борис Трајковски“ вели дека била најсоодветна поради инфраструктурата – достапноста и паркинзите околу неа.

–  Ова не е класичен експо простор, туку адаптација која е релативно солидно направена. Во секој случај, „Борис Трајковски“ беше најдобро решение за саем на книгата годинава, имајќи предвид дека немаме сајмиште. Очекувам да продолжи традицијата и понатаму да ги одржуваме но, сепак, повеќето издавачи, како и други стопанственици со кои разговарав се во очекување државата да изнајде начин да формира сајмиште, иако не очекувам во скоро време да се отвори ново. Годинава имаше и поголема постеност на млада публика, што се должи на бесплатната организирана посета за школите. Тие беа најбројни во работните денови, а во викендот имаше посетители од различна возраст, рече Лазаревски.

Во својство на претставник од издавачката „Магор“, пак, рече дека според нивна проценка помал е интересот за книгата и имале помалку продажба за разлика од минатата година. Меѓу нивните нови наслови подготвени за саемот се новиот роман на Влада Урошевиќ – „Маџун“ и новата збирка раскази на Ермис Лафазановски – „Туја“, преводот на добитникот на Букеровата награда за 2017 – Давид Гросман („Коњ влегува во бар“), како и „Градови за луѓе“ од данскиот архитект Јан Гел.

Претседателот на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) Бојан Саздов, исто така, со позитивна оценка за тоа како поминал саемот и покрај, како што рече, многуте сомнежи како ќе се реализира на нова локација.

– Како здружение сме задоволни од одѕивот на публиката, задоволни сме од самиот простор затоа што ни овозможи да бидеме претставени и, генерално, сметам дека промената на локацијата не го смени духот на манифестацијата. Се покажа дека саемот на книга е популарен настан во државата и има потреба од него. Според субјективно гледање, бројот на посетители е ист, а можеби и поголем. Имаше посетители во сите денови, а саботата беше одличен ден. Повпечатливо беше присуството на младите читатели. Попустите беа реални, имаше многу нови изданија и доста промоции на книги. Од регионот ги имавме издавачите кои секоја година се тука – од Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, рече Саздов.

И како претставник на „Три“ е задоволен од 30-тиот Саем на книгата. Специјално за манифестацијата промовирале 20-ина нови книги, меѓу кои ги спомна „По дождот“ на Раде Шербеџија и креативната боенка за возрасни „Боенка за Скопје“, а најпродавана книга им е „Водич за долговечност“ од д-р Александар Митов.

– Жанровски, најбарани се насловите од белетристиката, конкретно трилер-книгите и полесните четива сега, во пресрет на летото. Барани се македонските автори Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева, Коста Петров, Игор Џамбазов, рече Саздов.

Според Кристина Велевска од „Антолог“, огѕивот е изненадувачки добар и над очекувањата бидејќи, како што рече, просторот е нов и не знаеле како ќе се одвива.

– Мислам дека добро поминува саемот, можеби недостига студентската популација зашто на старата локација беа поблиску факултетите или поради тоа што до лани паралелно со саем на книга се одржуваше и саемот на образование и кариера. Можеби тој слој недостига, но генерално саемот помина во ред, рече Велевска. На нивниот штанд организирале средби со млади македонски прозаисти и поети, како Ана Голејшка, Дарко Лешоски, Стефан Марковски… Промоцијата на млади македонски автори, рече, е сегмент на кој активно работат.

Најпродавани книги им биле „Киберијада“ од Станислав Лем, биографијата „Бегство од рајот“ за последните три години од животот на Толстој од Павел Басински, а топ-најпродавани наслови, како што рече, им се и трите книги на Ана Бучевиќ, мотивациски говорник од Хрватска, која по завршување на саемот ќе има и предавање во Скопје.

Дејан Павлески од „Матица“ изјави дека со оглед на просторните услови годинава издавачите треба да бидат задоволни од бројноста на публиката и читателите.

– Од она што можаев да го забележам, Саемот на книгата го задржува приматот на една од најпосетените манифестации во нашата држава и радува податокот што се повеќе млади луѓе гледам како во рацете држат книги. Книги и наслови кои би ги издвоил на овогодинешниот Саем се новиот роман на Драги Михајловски „Швајцарија на Балканите“, поетската книга на Тихомир Јанчовски „Влакно на јазикот“, „Сакам да кажам“ на Горан Михајловски, книга посветена на јубилејот Сакам да кажам, новите дела на академик Цветан Грозданов, „Алергологија“ на Дејан Докиќ итн. Од посетеноста и резултатите на Саемот, убеден сум дека книгата ќе продолжи да биде наше заедничко секојдневие, истакна Павлески.

Ѓурѓица Костеска-Андонова од „Ѓурѓа“ изјави дека новата локација не влијаела на посетеноста на саемот.. Рече дека просторот можеби не е најсоодветен, но условите се добри.

– Има голема посетеност, најмногу од младите кои и најмногу купуваат, ученици, но и повозрасните. И оваа година има богата понуда, автори кои првпат се превдуваат. Политиката на нашата куќа е да објавуваме дела со трајни цивилизациски вредности и веќе 31 година објавуваме такви наслови, а не хитови за една сезона. Драго ни е што читателите не препознаваат по тоа. Книгите се продаваа и со саемски попусти, од продажбата сме задоволни, рече Костеска-Андонова.

Најбарани им биле наслови од белетристика, особено класиците, новите преводи од Скот Фицџералд („Приказни од ерата на џезот“ и „Оваа страна на рајот“), како и од психологијата кои им се и најпродавани. Ги спомна мотивациските книги од Марден, првпат на македонски јазик, а продаван им е и зборникот со говорите на Владимир Путин.

Цената на влезницата беше како и во изминатите години, симболични 30 денари, а и обврските на издавачите останаа непроменети. Цената за метар квадратен во салата (која е нешто помала од Метрополис арената) беше иста како и лани: 25 евра за целото времетраење на саемот плус ДДВ. За три евра беше пониска за оние издавачите чии штандови се поставени во холскиот простор помеѓу салата и нејзиниот главен влез.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *