Отворена дебатата за четвртиот Национален план за Отворено владино партнерство

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска ја почнува дебата со граѓанските организации за четвртиот Национален акциски план 2018-2010 за Отворено владино партнерство.

Целта е да се направи конкретен акциски план за следните две години што ќе биде насочен кон иновативни мерки чија имплементација ќе биде конкретна и мерлива.

– Не треба да заборавиме од каде дојдовме. Само пред една година, она за што денес зборуваме, не беше реалност. Беше утопија и ретко кој веруваше дека ќе стане реалност. Иако помина релативно кратко време, не смееме да заборавиме како беше и затоа посветено и прецизно мора да ги поставиме основите на новото партнерство меѓу граѓаните и институциите, истакна денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето на дводневната конференција за Отворено владино партнерство.

Осврнувајќи се на активностите што се преземаат за унапредување на политиките за објавување на отворени податоци од страна на државните институции, Манчевски ја спомена Стратегијата и акцискиот план за отворени податоци, а за август најави и пуштење во употреба на нов портал за отворени податоци.

– Пристапот е обратен од тоа што било пракса досега. Наместо да одлучуваме кои информации да бидат отворени, ние размислуваме само кои информации не треба да бидат отворени, рече Манчевски.

Од страна на Амбасадата на САД е поздравена одлуката на македонската Влада за отвореност и транспаретност, а од Европската унија оценуваат дека она што Македонија го има направено во изминатиот период е за поздравување.

– Не е случајно што граѓанскиот сектор се слуша бидејќи процесот на пристапување не е само преговори меѓу Владата и Европската комисија. Се работи за процес во кој граѓаните придонесуваат и се воведуваат во нов период, нова ера. Тоа е трансформација за целата земја и целата земја треба да учествува во таквиот процес. Се надевам дека Вие многу брзо ќе го почнете овој процес, рече Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската унија во Македонија.

Иницијативата за Отворено владино партнерство во Македонија почна во 2011 година и досега се донесени три национални планови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *