Спасовски: МВР има контрола на целата територија на Република Македонија

Министерството за внатрешни работи има контрола врз целата тероторија на Република Македонија, тоа сме го докажале многу пати, што е потврдено со сите контроли и акции спроведени минатата година, неселективно, во било кој град на РМ, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Спасовски кој во Охрид учествува во работата на Меѓународната научна конференција на службите за обезбедување ВИП личности и објекти, како министер не сакаше да даде оценка за тоа колку од сензитивните безбедносни документи ќе му бидат достапни Џезаир Хоџа како советник за безбедност на премиерот Зоран Заев.

– За тоа што ќе му биде достапно на советникот ќе барате информација од Владата, изјави тој.

Сепак, во својство на висок функционер на СДСМ тој рече дека доколку се погледне подлабоко многу контроверзни имиња ја водат РМ и од 2002 година учествуваат во политичкиот живот во државата.

– Прашањето е што е тука контроверзно. Ако имавме состојба на воен конфликт предизвикан пред се тоа што можеби немавме доволно сенс за интеграција на секој еден човек во општеството, тогаш треба да бидеме прагматични при носењето одлуки. Сметам дека во вакви услови прагматичноста е многу важна за подобрување на сите аспекти на општественото живеење. Не гледам причини зошто позитивно не би се оценувало секое приклучување на луѓе кои сакаат да да работат во РМ. Навистина би бил загрижен доколку има луѓе кои не сакаат да се приклучуваат кон институциите на системот, кои излегуваат надвор од нив, не сакаат да бидат дел од безбедносните служби, министерствата, Владата. Тогаш треба сите ние да се замислиме, и граѓаните и медиумите, и институциите, зошто би ги напуштале институциите и ако го сторат тоа, што би правеле, рече Спасовски.

Професорот по безбедност Злате Димовски по однос назначувањето на Хоџа како советник за безбедност во Владата рече дека тоа е политичко прашање, како и оти тој ќе работи она што ќе му се каже и она што ќе биде одредено како негов делокруг на работа.

– Од оваа позиција не можам да знам што ќе му биде дадено како можност, кои се документи ќе му бидат на достап. Но, она што е многу важно е дека ако работи со класифицирани информации, ќе мора да поседува сертификат за класифицирани информации што според постоечката регулатива мислам дека нема да биде можно. Таму има точно одредени критериуми кој се може да има пристап до класифицирани информации, доколку правилно се имплементираат, рече Димовски.

Негова оценка е дека безбедносните служби внимаваат на тоа кој се има пристап до класифицирани информации, како и оти точно ќе биде утврден делокругот на активности што Хоџа би можел да ги реализира и едноставно до кој степен тој би можел да користи информации од безбедносниот сектор.