КОМЕМОРАЦИЈА СО ПОЕЗИЈА ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Минатиот петок, 4-ти мај, во просториите на Библиотеката „Григор Прличев“, истоименото Литературно друштво одржа пригодна комеморација припратена со поезија по повод 115 годишнината од смртта на идеологот за самостојна Македонија, Гоце Делчев, и 4 годишнината од смртта на писателот и литературниот критичар Професор д-р Науме Радически, инаку почесен член на Друштвото „Григор Прличев“.

Еден помалку познат цитат на Гоце Делчев беше: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови, како македонскиот“. Коските на Гоце Делчев во престолнината на Република Македонија, Скопје, сигурно се превртуваат од последните владини одлуки каде се менува се што е македонско и се задушува последната издишка – идентитетот, токму поради предавствата на своите синови.

Несомнено Гоце беше и се уште е најголемиот револуционер, апостол, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење на Македонија. Гоце го положи својот живот за слободна и независна државност, како и многу други револуционери, и откако таа државност делумно се оствари во мал дел на Македонија, се направи духовно и национално будење, се изградија јаки темели за иднината на државата, се родија изроди кои по секоја цена сакаат да ја уништат самостојноста на државата… страдањата продолжуваат.

Поезија посветена на идеологот Гоце Делчев читаа членовите: Иван Трпоски, Никола Апостоловски, Орце Марковски, Спасија Огненовска, Ванчо Салиоски, Димитар Кукулјовски и Душан Ристевски.

Посебно членовите се осврнаа и на делото на професорот Науме Радически кој со своето дело и неговата неуморна работа во подржување издавачката активност на Друштвото, покажа како и Гоце, дека борбата за обединување и независност се темели во образованието и учителската дејност, во негување на македонскиот јазик и култура.

Вечно нека им се слават нивните дела.

Душан Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *