Соопштение за јавност за иницијативата на Групата на пријатели на Македонија во Конгресот на САД

Почитувани,

 

Во врска со новата иницијатива на Групата на пријатели на Македонија во Конгресот на САД кои испратија писмо до Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со барање за покана за полноправно членство на Македонија во Алијансата, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски го соопштува следното:

 

Македонската Алијанса изразува благодарност до 11-те Американските Конгресмени предводени од Конгресменот Џим Бенкс од Индијана кои се потпишаа на писмото упатено до Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг, со кое бараат Македонија да стане полноправен член на Алијансата бидејќи тоа е клучно за Американските интереси на Балканот. И оваа нова иницијатива е уште еден доказ за значајната улога на Македонската Дијаспора која неуморно лобира за Татковината. Да не заборавиме дека минатата година во јули 32 Конгресмени,  од кои 14 Републиканци и 18 Демократи, побараа од тогашниот  Државен Секретар на САД, Рекс Тилерсон, да ја посети Македонија како зацврстување на стратешкото парнерство и како одговор на сите обиди на засилено Руско влијание на Балканот. Во Групата на пријатели на Македонија членуваат Конгресмени и од Републиканската и од Демократската партија, што е најдобра потврда дека САД е најголемиот, најважниот и стратешки најсилниот сојузник на Република Македонија.

 

Македонската Алијанса смета дека сега е клучен момент нашиот најголем сојузник на САД да обезбеди брзо членство на нашата Татковина во НАТО Алијансата. Администрацијата на Претседателот на САД, Доналд Трамп, треба да го вложи својот авторитет конечно да се обезбеди спроведување на пресудата на Хашкиот Суд и Македонија да стане полноправен член на Алијансата согласно Времената Спогодба, која Грција ја прекрши на Самитот во Букурешт пред 10 години, дејствувајќи директно против Американските стратешки интереси. Поканата за НАТО е инвестиција во долгорочната стабилизација на целиот регион. Македонскиот народ ќе добие дополнителна мотивација за унапредување на демократските вредности и остварување на вековните стремежи за обединета и силна Татковина.

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА            

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *