Обемната регулатива го парализира и поскапува производството

Еднаш засекогаш треба да ја расчистиме дилемата: што треба кај нас да се произведува. Се уште лутаме и ги немаме дефинирано стратегиските производи. Ако некој производ е стратегиски, треба да му се даде и такво значење. Од почеток до крај треба така да се третира – од семето, преку производството, до приносот, а субвенциите и стиумулациите да бидат во функција на давање најдобри можни резултати и сигурност.

Ова го истакнува Огнен Оровчанец, сопственик на „Агроунија“ и претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори, со кој поразговаравме за актуелните состојби и проблеми во аграрот.

За успешно, стабилно и конкурентно земјоделство многу е важно да се знае каде ќе заврши родот пред да се посее, смета Оровчанец. Примарното производство во земјоделството е наменско, јачменот, пченицата се за мелничарската индустрија и тука нема дилеми. Но потребна е соработка, точно да се знае за кого е произведено. Сериозно производство без план и поддршка од државата не е можно. Планското производство е број еден, но мора да се почитуваат и договорите склучени меѓу земјоделците и откупувачите, како и да се применува нова, современа технологија и да се следат светските стандарди.

  Ако некој мисли дека ќе произведува без план, се лаже. Најголемите резултати се добиваат кога луѓето знаат за кого произведуваат и под кои услови. Тоа е еден од клучните проблеми зошто немаме сериозно производство со години. Друг голем проблем е откупот. Производството не е никаква филозофија и од тоа не треба да се прави табу. И во Скопско и во Битола и во Полог, просекот на житарките е од осум, девет до 11 тона. Тоа значи дека ние и тоа како добро знаеме да произведеме, но производството треба да има крајна цел – да се знае каде ќе заврши, подвлекува нашиот соговорник.

Според него, еден од клучните носители на земјоделството се големите производства.

– Ние се залагаме и малите, индивидуални производители да добијат што е можно повеќе, зашто тие се носители на опстанокот, но носители на технолошкиот развој се големите системи, вели Оровчанец. 

Тој укажува дека производството бележи континуиран пад во изминатите 35 до 40 години.

– Евидентно е и намалување на површините под земјоделски култури, како и на интересот за производство. Тоа се должи на несредената состојба не сега, не во последниве три, пет, десет години, туку во последниве 30 години. Уште еднаш ќе кажам, ако немаме откуп, односно ако произведуваме, а не знаеме за кого, не можеме да зборуваме за сериозно производство. Секоја година се зголемуваат површините кои не се обработуваат. Површините треба да се евидентираат и да се направи план како да се обработат.

Се залагаме и за приватизација на земјоделското земјиште, не за некој да се збогати, туку зашто земјоделството е активност во која мора да се инвестира, независно дали зборуваме за житни култури, градинарство, овоштарство или поледелство. Не можеме да зборуваме за рентабилно производство ако површините не се најмалку 100 до 150 хектари, а за тоа е потребна механизација, најмалку два до три трактори кои чинат 200.000 – 300.000 евра. Кој е тој што ќе вложи, а не знае што ќе се случува со земјиштето?, вели Оровчанец.

Тој е дециден во врска со пченицата и брашното – проблем што се повторува речиси секоја година. Нагласува дека Македонија има можност да ги произведе потребните количини.

– Досегашното искуство покажува дека она што ќе го договориме, не го спроведуваме. Не ги употребуваме агротехничките мерки, а производството не е баук. Тоа е технологија, позната, и со примена на востановените агротехнички мерки, не може да немаме сериозни приноси. Ние имаме можност да ги произведеме количините што ни се потребни. Но, повторно ќе кажам, со решавање на откупот, се решава и начинот на производство, дополнува Оровчанец.

На прашањето, дали може да направи паралела на земјоделството денес и пред 30-тина години со оглед дека е долго време во агросекторот, веднаш укажува на, како што вели, огромната администрација.

– Имаме голем број закони, правилници, обемна регулатива која ни го парализира и поскапува производството. Мора да направиме дерегулација, да се поедностават прописите. Не зборувам за безбедноста на храна, но за се друго мора да се поедностават постапките. Голем проблем се и казните кои за минорни работи, буквално за ситници, на пример во семенарството, се 30.000 – 50.000 евра, предочува Оровчанец.

Верувам, дополнува, дека ќе се работи на овие состојби, но за жал, денеска е така.

За тоа, дали сме конкурентни и колку реално можеме да се носиме со европскиот пазар, сопственикот на „Агроунија“ нема дилеми дека дел од фирмите се добро подготвени.

– Неопходно е прилагодување на законската регулатива која е многу либерална. Проблемот на производството и количините не е најизразен, тоа е се техника и можеме многу лесно да ја постигнеме. Проболемот е во законската регулатива, во амбиентот, потенцира Оровчанец.

Оваа година очекува добар, квалитетен род на пченицата кој може да го надмине досегашниот просек.

– Не би сакал да шпекулирам, всушност и никој не би можел се уште да каже колкав ќе биде приносот, но сигурно ќе биде далеку повисок од други просечни години. Потребите во Македонија, секако, нема да ги задоволат. Есенската сеидба беше на околу 70.000 хектари од кои јачменот е застапен на 40.000 што е големо намалување од пред 20 години кога под пченица беа 120.000 до 140.000 хектари, а под јачмен 60.000 – 70.000 хектари. Приносите многу зависат од начинот на производство – дали се применети агротехнички мери. Ако се користени минерални ѓубрива и добра агротехника, ќе биде и квалитетот добар, подвлекува Огнен Оровчанец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *