Потпишан Меморандум за јакнење на собранискиот надзор над разузнавањето

Зајакнување на капацитетите на собранискките тела за надзор над разузнавачкиот сектор има за цел Меморандумот „Развој на парламентарен и независен надзор“ што денеска го потпишаа претседателот на македонското Собрание Талат Џафери и директорот на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ) Томас Гурбер.

– Евроатлантските интеграции се врвен приоритет за нас како парламентарно мнозинство и Влада. Тоа подразбира темелни реформи во безбедносниот и разузнавачкиот сектор, во институциите што имаат мандат за надзор и контрола. Активностите што ќе се спроведуваат како дел од Меморандумот се потврда за напорите што ги прави Македонија за членство во ЕУ и НАТО, рече Џафери по потпишувањето на Меморандумот во Собранието на РМ.

Директорот на ДКАФ Томас Гурбер истакна дека приоритет на македонскиот Парламент се реформите, меѓу кои и за јакнење на капацитетите на комисиите за надзор, преку зголемување на нивната се поважна улога во надворешната контрола.

– Овој пристап ќе му овозможи на Собранието поголема вклученост, ефикасност и крајна независност . Сето ова ја носи земјата поблиску до своите евроатлански интеграции, рече Гербер.

Меморандум за соработка за спроведување на проектот е дел од програмата за реформа на разузнавачкиот сектор во Република Македонија 2017-2020. Финансиската поддршка за негово спроведување изнесува 452.244 швајцарски франци.

Вчера ваков меморандум ДКАФ потпиша и со македонската Влада. По потпишувањето, премиерот Зоран Заев рече дека соработката е клучна за враќање на довербата на граѓаните во оние институции од безбедносниот сектор кои во минатото беа означени како симбол на заробената држава.

ДКАФ е меѓувладина фондација во чиј основачки одбор Република Македонија членува од 2000 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *