Матис: САД ги ценат обврските кои Македонија ги презема како партнер на НАТО

САД ја ценат политиката на спротивставување на Македонија во однос на Русија со протерување на дипломатот и дадената подршка на сојузниците во запирање на руската агресија, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на официјална средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Матис укажал дека поканата за членство во НАТО ќе следува „веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение на прашањето за името“ со Грција.

– Ја поздравуваме вашата работа со Грција на разрешувањето на ова прашање и се надевам дека наскоро ќе има резултати. Не сакаме да ве видиме запрени пред вратите на НАТО. Денешната безбедносна состојба бара дух на пријателство меѓу сите оние кои се залагаат за слобода, основни човекови права и владеење на правото, нагласил Матис.

Тој потсетил дека Македонија е партнер на НАТО и оти САД ги ценат обврските кои нашата земја ги презеде со испраќањето на војници во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, придонесот кон коалицијата за пораз на ИСИС, како и решителната одлука да се издвојуваат 2 отсто од БДП за одбраната.

Ова е прва официјална средба на Матис со Шекеринска, прва на еден американски секретар за одбрана со свој македонски колега по шест години.

Министерката Шекеринска се заблагодари за цврстата поддршка што Македонија ја добива од САД и потсети на силниот консензус во државата од нејзиното осамостојување, за членство во НАТО.

– Дозволете ми да ве уверам дека Македонија е подготвена за членство во НАТО. Ние брзо се опоравивме од долгата политичка криза и по еден силен реформски залет, на нас се гледа како на извор на надеж на Балканот, рече Шекеринска

Таа додаде дека Македонија има започнато важни одбранбени реформи и оти го зголемила придонесот во мисијата предводена од НАТО во Авганистан.

– Докажавме дека сме посветен и сигурен партнер. Наша цел е да бидеме и таков сојузник. Затоа, дозволете ми да ја побарам вашата поддршка како стратешки партнер на нашето членство во НАТО. Поканата за Македонија во јули годинава ќе не поддржи во нашата стратешка цел, ќе му помогне на регионот во градењето на долготрајна стабилност и ќе ги зголеми влијанието и подготвеноста на САД и НАТО, рече министерката Шекеринска.

Шекеринска e во еднонеделна официјална посета на САД. Покрај средбата со државниот секретар Матис таа денес во Белата куќа ќе има средба со Вилијам Беркли, директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа. Потоа таа ќе се сретне со Тина Кајданов, помошник секретар за политички и воени прашања во Стејт департментот, како и со Шари Брајан, попретседатeлка на Националниот демократски институт.

Министерката Шекеринска утре ќе положи цвеќе на Националните воени гробишта во Арлингтон, каде се наоѓаат могилите на американски воени припадници загинати во разни воени конфликти, на американски претседатели и претседатели на Врховниот суд, како и на космонаути.