Синдикалците одржаа протести, Владата вети поголеми плати

Синдикалните здруженија од земјава вчера со протестни маршеви во Скопје го одбележаа Први мај, Меѓународниот ден на трудот.

Маршевите ги почнаа на различни локации, но се сретнаа пред Собранието на Република Македонија од каде заедно продолжија до Владата.

Најпрво упатија пораки за унапредување на работничките права, ги прочитаа своите барања, а потоа и официјално ги доставија до Владата.

Поголема плата, сигурни работни места, регрес за годишен одмор, стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање, се дел од 15-те синдикални барања.

Во меѓувреме, додека траеа протестите, Владата одржуваше седница на Економско-социјалниот совет.

По седницата на која присуствуваа и претставници од синдикалните здруженија и од работодавачите, премиерот Зоран Заев соопшти дека се подготвува нова мерка за зголемување на платите.

Во врска со барањата на синдикатите, Заев изрази уверување дека дел од нив, како што рече, се остварливи.

– Синдикатите се заштитиници на нашите работнички права. Генерално ги поддржувам сите нивни заложби и согласно можносите на Владата, перформансите и капацитетите, верувам дека се остварливи. Преку дијалог ќе треба да дојдеме до решенија, истакна Заев на прес-конференција по сдницата на Советот.

Првомајскиот марш се совпадна со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија. Неколку години наназад, почнувајќи од 2010 година, ССМ со претходното раководство го одбележуваше 1 Мај со кампањи за одредени области од заштитата на работничките права и како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за минимална плата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *