Мекилвам-Поповски: Македонија има политичка поддршка од Велика Британија

Министерот Роберт Поповски задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Лондон имаше средба со Фиона Мекилвам, раководител за Западен Балкан во МНР на Велика Британија.

На средбата е утврдена чистата и недвосмислена поддршка на британската Влада кон реформските процеси во Република Македонија, соопшти владината прес-служба.

Реформскиот процес кој го започна Македонија е оценет како исклучителен, а утврдено е дека истиот ќе продолжи и во наредниот период. На состанокот беше дискутирано за тоа дека реформите се долг процес кој мора да се спроведе соодветно со цел да не се повторат грешките од минатото.

Поповски на средбата ги издвои реформските процеси спроведени од Планот 3-6-9, со најава на Планот 18, а посебно ги посочи концептот за отворена влада, транспарентност и отчетност како принципи кои ги практикува владата. Како што рече Поповски, Владата на РМ поставува стандарди како за постојната администрација, така и за сите следни влади.

Заеднички е констатирано дека заробената држава е состојба од минатото која интензивно се менува, за што е неопходно реформите да продолжат со ист силен интензитет.

Според Мекилвам, Македонија е добар пример за Западен Балкан и покажува дека со храброст и политичка посветеност промените се реалност.

Раководителката за Западен Балкан Мекилвам, министерот Поповски, советникот на премиерот Марјан Забрчанец и портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, на средбата изразија задоволство од поддршката која Сервисот за комуникации на Велика Британија ја обезбедува за Комуникацискиот сервис на Владата на РМ и заеднички заклучија дека владините односите со јавност во Македонија се во функција на транспарентноста, градење на сервисни комуникациски алатки, како и социјалните промени кои се неопходни за општеството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *