Информацијата за ХЕ Чебрен и Галиште денеска на седница на Влада

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 65. седница на која на дневен ред ќе биде информацијата за текот и активностите за проектите ХЕ Чебрен и Галиште, на предлог на АД ЕЛЕМ.

Како што соопшти владината прес-служба, на барање на Министерството за економија, министрите ќе дебатираат за Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на договорот за соработка во областа на туризмот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.

На барање на Собранието на Република Македонија на дневен ред на 65. седница се 13 предлог-закони за изменување и дополнување. Дел од нив се: предлог- законот за измени и дополнување на законите за лекови и медицински помагала, за санитарни и здравствени инспекторати, за јавни набавки, за инспекциски надзор, за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија…

На денешната седница ќе бидат разгледани и две информации на предлог на Министерството за одбрана, односно информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во Мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од август до ноември 2018 година и информацијата за учество на припадници на Армијата на Република Македонија на воена парада во Република Бугарија.

Пред министрите ќе се најдат и информација за прогрес на реализација на акцискиот план за пристапни рампи за лицата со инвалидност и информацијата предложена од Министерството за информатичко општество и администрација за статусот на реализација на Националниот акциски план за отворено владино партнерство 2016-2018 година.

На владината седница ќе бидат разгледани извештајот за тековниот статус на болниците во процесот на акредитација, за периодот јули – септември 2017 година и извештајот за реализација на Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2017 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *