Адеми: Дијаспората реален потенцијал за поддршка на евроатлантските интеграции

Владата има искрени намери за воспоставување соработка со дијаспората на институционално ниво. Првпат во Република Македонија се работи на Национална стратегија за соработка со дијаспората. Таа се базира на четири клучни столбови и има за цел да воспостави рамка преку која ќе се решаваат клучните проблеми на дијаспората и која ќе овозможи воспоставување и продлабочување на соработката меѓу државата и дијаспората.

Ова во текот на вчерашниот ден го истакнал министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми во своето предавање на Универзитетот Колумбија во Њујорк, на покана на Хариман Институтот.

Адеми во предавањето на тема „Западен Балкан, Македонија и интеграциските процеси – има ли улога за дијаспората?“ се осврнал и на значењето на земјите од Западен Балкан, како и важноста на нивната стратешка определба кон евроатлантските интеграции.

Како што соопшти Кабинетот на министерот Адеми, тој ја потенцирал и стратешката определба на Република Македонија за влез во НАТО, истакнувајќи го фактот дека таа датира од 1993 година, кога Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за влез на Република Македонија во НАТО.

Адеми ги посочил и конкретните чекори кои Република Македонија ги има превземено од 1993-та година до денес, а кои укажуваат на искрените намери на државата кон евроатлантските интеграции.

– Владата на Република Македонија искрено верува дека наскоро ќе започне процесот на преговори за влез на Република Македонија во Европската Унија и дека Република Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО, порачал министерот Адеми во предавањето.