Анѓушев: Се фокусираме на инфраструктурните проекти

Извештајот на Европската комисија многу јасно, точно и прецизно ја отсликува  состојбата на македонската економија, а Владата, согласно прекпраките, ќе работи посветено на инфраструктурата и на инфраструктурните проекти, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

–  Во минатото пропуштивме драгоцени години да ги насочиме парите што ги трошевме од даночните обврзници во Република Македонија исклучиво во инфраструктурата, наместо да правиме проекти кои се луксуз. Затоа кога зборуваме за инфраструктура посветени сме да ги завршиме отпочнатите патишта, без разлика колку големи проблеми имаат и да отпочнеме градба на нови патишта, изјави Анѓушев во одговр на прашање по промицијата на проектот „Зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори – Можности и предизвици“, финансиран од ИПА.

Тој посочи дека фокусот за изградба на нови патни проекти ќе биде ставен во делот на реконстукцијата на Коридорот 8 кон Бугарија, како и на автопатската делница од Кичево кон Гостивар која,нагласи, е скапа и тешкаи за неа веќе е направен проектот од Кичево до Букојчани, а останува да се допроектира делот кон Гостивар.

– Покрај тоа веќе е завршен проектот за железничката линија од Кичево кон Лин, Албанија и ќе бидме посветени во делот на барањето финасиски средства. Охрабрувачки е што новата меѓународна позиција на Република Македонија дава шанса финансиските институции похрабро да ги поддржат инфраструктурните проекти, рече Анѓушев и додаде дека има ветувања од Светска банка, ЕБОР и ЕИБ дека ќе одобрат средства за реализација на вакви проекти.

Потсети дека земјава веќе доби грант од 70 милиони евра за изградба на втората делница од железничката линија кон Бугарија и дополнителни 60 милони евра за третата делница. – Тоа овозможува полесно да се добијат кредити од меѓународните финасиски институции, потенцира Анѓушев.