Интервју, Кнут Флекенштајн, европратеник

Завчера излезе извештајот за Македонија, како го оценувате?

-Навистина сум задоволен, мислам дека Македонија заслужува јасна поддршка, и крајно време е после толку години, падови и успони, да се продолжи по патот кој беше планиран пред многу години.

Европскиот Парламент многу инсистира на политичкиот дијалог во земјата, гледате ли подобрување?

-Она што можам да го видам е дека опозицијата, исто така, е подготвена да слуша за главните теми со кои треба да се справи владата, да даде свои препораки, да има фер дијалог со власта. Го ценам тоа, бидејќи има многу работи кои може да се одлучуваат со мало мнозинство, но има и други прашања каде треба големо мнозинство така што опозицијата е важен дел од оваа игра.

Што можеме да очекуваме од претстојната резолуција на Европскиот Парламент за Македонија?

-Не сум известувачот за Македонија, но мислам дека Парламентот, исто така, многу јасно ќе поддржи старт на преговори за членство со Македонија. Особено со оглед на работата на власта и на министерот за надворешни работи и конструктивните обиди да се дојде до заедничко решение со Грција, слушам дека се блиску до решение, тоа е обид кој треба да го поддржиме и да кажеме јасно “да“.

Слушаме дека и земјите членки и Комисијата би сакале Македонија и Албанија да одат во пакет за старт на преговори со ЕУ, го делите ова мислење?-Не ми се допаѓа таа идеја. Можеби има смисол кога се гледа од далечна перспектива, но мислам дека се уште е трка. Ако ја сработите работата, одите на следниот чекор. Така што не мислам дека одењето во пакет е нешто што треба да го правиме. Не треба да се поврзув Која држава е понапредна од две-За некои прашања Македонија е понапредна, но за други не. Ако ги гледате судските реформи во Албанија, тие направија повеќе и од некои земји кои веќе преговараат некое време. Има разни области, за некои Македонија е понапред, за други е поназад. Економската ситуација е многу важна за Македонија. Пред се затоа што се работи за стабилност и добри односи со соседите, социјален дијалог во земјата, охрабрување на инвестиции. Двете држави заслужуваат старт на преговори. Зборував за успони и падови, но за тие падови треба и ние тука во Брисел да се запрашаме дали можеби не сме и ние малку виновни за тоа, што бевме толку бавни Имено, зошто беше ЕУ толку бавна?

-ЕУ е често бавна од повеќе причини. Јас не верувам дека има замор од проширувањето, но луѓето во нашите земји не се сигурни…. еве на пример Советот кој не успева да владее со 28, 27 земји членки, би требал да владее со 33 земји. Треба и ние нашата домашна задача да ја завршиме. Прво треба да видиме ние како да ги смениме нашите правила. Вчера францускиот претседател Емануел Макрон зборуваше за потребата да се сменат правилата во ЕУ, да биде полесно да се владее во ЕУ. А потоа треба да им објасниме на нашите граѓани дека проширувањето не е добротворна акција, туку дека сите имаме корист од тоа. Нашата стабилност е во прашање, имаме и економски бенефит од тоа. Така што не е дека сме ние фини, па еве ќе им дадеме нешто на Македонците, тоа е тотален нонсенс. Но, најважно е дека треба да им покажеме на нашите граѓани дека сме подготвени и способни да владееме Европска Унија со 33 членки. Имаме и ние наши домашни задачи.

Дали тоа значи дека земјите кандидати треба да чекаат ЕУ да си ја заврши домашната? И ако е така, колку време ќе ви треба?

-Не, не треба да чекаат, но сакам да кажам едноставно дека не е само едната страна со домашни задачи, и ние треба нашите да си ги завршиме.

Дали сте за давање рок за зачленување на земјите кандидати во ЕУ?

-Апсолутно не. Некои од моите пријатели во Македонија и други земји мислат дека не сме фер, дека имаме двојни стандарди. На пример, во однос на Бугарија и Романија и потполно се во право. Но, ако го повториме искуството со Романија и Бугарија, моите гласачи ќе ме испратат во пеколот. Така што се враќаме на она што беше изворно договорено и тоа значи дека прво треба да се решат проблемите, а потоа да се примат земјите во клубот. А не тој погрешен начин на рамислување, дојдете во клубот па ќе ги решиме проблемите. Ниеден проблем нема да се реши ако сте во ЕУ. Видете ја Хрватска, после 25 години не можат да си го решат граничниот проблем со Словенија дури и со арбитража, така што ве молам завршете си ги задачите и потоа влезете.

Треба ли внатрешни контролни механизми во ЕУ, како што предлагаат европратеници, за да се избегнат ситуации како Унгарија и Полска каде владеењето на правото е нарушено?

-Постојат некои механизми кои се многу бавни и нетранспарентни, треба да има повеќе и појасни инструменти за да се види дали Копенхашките критериуми сеуште се почитуваат дури и кога сте во ЕУ.

-Мислите дека Грција би блокирала повторно можен датум за старт на преговори во Советот за Македонија?

-Теоретски можеби, но за сега гледам дека Премиерот Ципрас прави големи напори, исто како и вашата влада да најдат заеднички пат. Така што не би дискутирал сега за теоретски можности, но за сега сум доста оптимист, толку се блиску. Не сум дел од тие преговори, но она што го слушам од двете страни е дека има сериозна волја да се пронајде решение. Тоа не беше секогаш случај. Потребна е храброст од двете страни за да се дојде до добар резултат.

Гледате ли можност да почнат преговорите за ЕУ без целосно да е решен спорот за името, да има паралелни процеси?

-Малку е опасно да одговорам на ова прашање затоа што не сакам да се мешам. Колку повеќе луѓето коментираат, толку потешко е за преговорите. Но би можел да замислам некаков принципиелен договор кој би требал да се конкретизира во иднина. Можеби е тоа можност но навистина не знам. Тешко е за вашата влада, тешко е за вашата земја, за вашите граѓани, тешко е тоа да се разбере од далеку, и кога ги гледате стотиците илјади луѓе кои протестираат во Солун и тоа не го разбирате како Германец. Јас сеуште сум убеден дека ќе најдат решение или излез. Но на самиот крај секогаш има можност за Грција да каже “не“.

Како би било примено тоа “не“?

-Никој не сака да мисли на тоа затоа што не можеме да замислиме. На крајот се ќе биде добро, ако не е добро, значи дека не е крај.

Грција има билатерални спорови и со Албанија?

-Да, имаат некои многу стари проблеми и, исто така, преговараат и со албанската влада, и исто слушам од двете страни дека има доста добра волја и дека ќе се надмине тоа.

Што е со процесот “Жан Моне“? Жив ли е уште?

-Почнуваме за некоја недела во мај. Ќе се сретнеме, не за прашања како што е името и слично, тоа не е за нас. Но да разговараме за најдобри пракси за етички стандарди во Собранието, како да биде независно Собранието, што значи буџет за него, владата да не може да се вмеша, се работи и за безбедноста на Собранието, не треба во таа зграда да има државна полиција, туку да се најдат други решенија. Има повеќе точки, сакаме да дискутираме со нашите партнерни, има и повеќе решенија во нашите земји членки и можат да ги најдат најдобрите модели и ако се договорат да ги развијат во нивната земја.

Кога е следната средба?

-На 17 мај во Охрид.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *