ЕК: Македонската економија умерено подготвена да се соочи со европскиот пазар

Македонија направи одреден прогрес и е на завидно ниво во подготовката и развојот на функционална пазарна економија и е умерено подготвена да се соочи со конкуренцијата на европскиот пазар. И покрај политичките случувања во првата половина на мината годината, направен е напредок особено во менаџирањето и транспарентноста на јавните финансии, оценува Европската комисија во извештајот за исполнувањето на економските критериуми на земјава.

За да и се овозможи на земјата да ги исполни обврските за членство, ЕК препорачува умерено да се подготви во многу области вклучително конкурентноста, транспортот и енергијата, а како клучни слабости во економијата ги нотира големата неформална економија и слабото спроведување на бизнис договорите.

– Структурните проблеми на пазарот на труд се рефлектираат со слаба активност и висока стапка на невработеност. Макроекономските показатели се влошија во првата половина на 2017 со ескалирањето на политичката криза, а тоа влијаеше и на нивото на инвестиции. Недостасува долгорочен план за консолидација на фискалната политика, се посочува во извештајот на ЕК.

Се препорачуваат натамошни  мерки за диверзификација на извозот и воведување поголема аутпут вредност во производствениот сектор.

– Трговските и инвестициските односи со ЕУ продолжуваат да се интензивираат. Економијата и натаму страда поради несоодветната образовна структура на пазарот на труд, недоволни капитални инвестиции, вклучувајќи и делови од јавната инфраструктура, како и немањето технолошки иновации, севели во извештајот.

За  создавање услови за долгорочен економски раст, ЕК препорачува воспоставување среднорочна буџетска рамка, фискална консолидација и таргетирано трошење, подобрување на легислативата, намалување на неформалниот сектор, зајакнување на пазарот на труд и овозможување услови за поголема вработеност, особено на жените и младите.