Пред студентите на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беше промовирана книгата „Патеките на транзицијата“ која е меѓународен проект на Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките.
Претседателот на МАНУ академик Таки Фити посочи дека во книгата се анализирани проблемите со инвестициите и економскиот раст и оти таа има висока релевантност.
– Книгата има висока релевантност за Македонија бидејќи таа има слаба развојна перформанса, по стапките на економскиот раст и ние најлошо стоиме во земјите на регионот. Оваа книга и заклучоците што се внатре можат да бидат многу добра основа и да им послужи на соодветните институции, пред се на Владата и на ресорните министерства, за креирање на политики и поттикнување на економскиот раст и развој, истакна Фити.
Авторите на книгата велат дека целта била да се дијагностицираат патеките по кои се движат македонската и бугарската економија од почетокот на транзицијата до денес.
– Воочливо е дека двете земји имаат бавна конвергенција кон животниот стандард на ЕУ. Бугарија има нешто поповолна слика во однос на Македонија, смета Дарко Лазаров од Економскиот факултет во Штип.
Книгата е пишувана две години, а опфатен е периодот од 2003 до 2013 година. Нејзини автори се академик Гоце Петрески од МАНУ, универзитетските професори Дарко Лазаров од Економскиот факултет во Штип и Оливера Костоска од Економскиот факултет во Прилеп. Книгата ќе се промовира и на останатите универзитети во државата.