СДСМ: Мицковски со лажни вести сака да прикрие штети од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски повторно пропушти прилика да се дистанцира од Груевски и да им се извини на граѓаните за пустошот од криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски пропушти уште една прилика да се дистанцира од погубните политики на неговиот претходник Никола Груевски и да се извини на граѓаните за сето она што неговата партија им го направи на граѓаните со 11 годишното криминално и расипничко владеење. Наместо тоа, Мицкоски повторно се обидува да го брани Груевски.

Заглавен во минатото, рака под рака со Никола Груевски, Мицковски преку лажни вести неуспешно се обидува да ги прикрива штетите од владеењето на неговата партија.

Граѓаните секојдневно ги гледаат и чувствуваат придобивките од успешната работа на Владата предводена од СДСМ, а напредокот на Македонија е потврден и преку економски параметри и преку бројни извештаи на релевантни меѓународни организации.

Јавниот долг, како процент од БДП за првпат е намален токму во 2017 година, по формирањето на новата Влада, а Бруто домашниот производ, кој постојано бележеше пад по формирањето на новата влада забрзано расте!

Со Законот за минимална плата, околу 90 илјади граѓани имаат повисока плата од 12 илјади денари, а просечната плата надмина 24 илјади денари, односно бележи најголем раст од 2010 година! Истовремено, меѓународната кредитна агенција Фич го подобри кредитниот рејтинг на Македонија од негативен во позитивен.

Последниот извештај на „Фридом хаус“ за првпат по неколку години нотира дека во 2017 година постои напредок во националното демократско владеење и независноста на медиуми, а Македонија е категоризирана како „светла точка“ и држава која најмногу ветува дека е можен демократски пробив во Европа.

Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои донесоа економска пропаст, изолација, конфликти и поделби, доживееа дебакл. Граѓаните избраа иднина наместо минато.

Владата предводена од СДСМ ги отвора европските перспективи на земјава, обезбедува професионализација на институциите и ја гради Македонија како економски напредна, модерна, демократска држава, едно општество за сите.