Градоначалникот на Акхисар, Република Турција во посета на Гостивар

Градоначалникот на општина Акхисар, Република Турција, Сали Хизли, денес оствари работна посета на општина Гостивар.

Неговиот домаќин, градоначалникот Арбен Таравари посакувајќи им добредојде, пред гостите ја истакна мултиетничноста на општина Гостивар.

– Етничките заедници во Гостивар живеат во одлична слога, особено Албанците и Турците, кои празниците, свадбите и погребите ги прават заедно. Гостивар и Акхисар се две збратимени општини и соработката која датира од поодамна, ќе ја продлабочиме и прошириме на повеќе области, рече Таравари на средбата во општината.

Гостинот од Турција кој со Акхисар раковди три мандати нагласи дека посетата има за цел размена на искуства.

– Општината Акихсар има околу 170.000 жители и во последниве години имавме голем економски, социјален и културен развој. Во Гостивар не доаѓаме само да ги кажеме нашите искуства, туку и да научиме од вашите искуства. Наскоро ќе ве поканиме со поголема  делегација да дојдете и вие, истакна градоначалникот Хизли.

Покрај првиот човек на општината, во делегацијата имаше и раководители на сектори во општината и неколку општински советници кои се информираа и разменија искуства во работењето на двете општини.

За време на престојот во Гостивар, делегацијата од Ахисар ќе ги посети ОУ “Мустафа К. Ататурк”, гостиварското муфтиство и знаменитости од културното наследство на градот.