ВМРО-ДПМНЕ со критики за здравството и социјалата, министрите со контра аргументи

Со критики за работата на министрите за труд и социјална политика и за здравство почна попладневниот дел од собраниската седница на чиј дневен ред е барањето за гласање на доверба на Владата поднесено од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска поради случајот со трите силувани девојчиња од Домот „25 Мај“. Обвинија и дека не се зголемени пензиите, не се згрижени Ромите на Кале и оти во текстилните фабрики не се исплаќа минимална плата од 12.000 денари.

Министерката Царовска истакна дека со три усогласувања покачени се пензиите, а за Ромите на Кале рече дека се згрижени во институција која им обезбедува еден оброк дневно и оти во Визбегово се гради привремена населба каде ќе се сместат тие семејства.

– Она што го наследивме како Влада и Министерство по доаѓањето на власт бил згмеен систем за социјална заштита, а да не зборуваме за центрите за социјална работа кои под ваше раководство не само што беа уништени, туку беа и покрадени. Во ваше време, „Ранка Милановиќ“ претстана да биде јавна установа заради тоа што директор, поставен од вашиот министер, со три милиони проневерени евра имаше судска казна, нагласи Царовска.

Во делот на здравството, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека не е почнат ниту еден инфраструктурен проект, нема доволно лекови за пациентите, нема зголемување на квотите за државните специјализации, нема набавка на медицинска опрема и не се зголемени платите на лекарите.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека наследиле долг во јавното здравство од 60 милиони евра и оти успеале да ги отплатат долговите и да работат домаќински. Најави дека лекарите и здравствените работници ќе ги добијат ветените покачувања на дежурствата, ќе се набави нова медицинска опрема но не по високи цени како досега. За иселувањето на младите лекари, Филипче, рече дека тоа се должи на неправилните политики и неправилното планирање за вработување спроведени во минатиот период.

One thought on “ВМРО-ДПМНЕ со критики за здравството и социјалата, министрите со контра аргументи

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *