Јовановиќ: Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во пензија само шест години, што веројатно ќе биде најкратко во светот

Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии е против предлогот за зголемување на границата за пензионирање затоа што според него ваквиот предлог е неправеден за работниците и нема да ги реши проблемите со кои се соочува Пензискиот фонд во моментот. 

– Кога станува збор за границата за пензионирање, главното прашање за мене е колку долго луѓето живеат по пензионирањето. Во Македонија, тоа во просек изнесува само 10 години, што е меѓу најкратките во Европа – границата за пензионирање е 63 години, а животниот век е 73. Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во пензија само 6 години, што веројатно ќе биде најкратко во светот. За споредба, во Австрија луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето – границата за пензионирање е исто така 63 години, но животниот век е 81. Слична е состојбата и во другите земји од ЕУ. Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш можеме да размислуваме за вакви промени, но не сега, вели Јовановиќ во изјава за МИА.

Посочува дека мерката нема да има речиси никаков ефект на краток рок, бидејќи резултатите од зголемувањето на границата за пензионирање се гледаат дури по 10-тина години. До тогаш, додава Јовановиќ, дел од проблемите со дефицитот на Пензискиот фонд ќе почнат да се решаваат природно со исплатата на пензии од вториот пензиски столб.

– Исто така, треба да се има на ум дека кревањето на границата за пензионирање може да биде и контрапродуктивно, и за работниците и за фирмите. Тоа може да го влоши здравјето на работниците, да ги зголеми повредите на работа, па дури и да го намали животниот век, кој и сега е меѓу најкратките во Европа. Дополнително, може да ја намали продуктивноста на фирмите, бидејќи постарите работници не се толку продуктивни како помладите. Постои причина зошто границата за пензионирање постои во сите земји, а тоа е за да се заштити здравјето на луѓето и да се одржи продуктивноста, нагласува Јовановиќ.

Наместо вакви мерки, според Јовановиќ, има други мерки коишто би биле поефективни во овој момент. Смета дека треба да се укинат сите ослободувања од плаќање даноци и придонеси бидејќи тие креираат дел од дупката во Фондот за ПИОМ, а за придонесот за пензиско осигурување вели дека треба да се зголеми бидејќи тој е еден од најниските во Европа. 

– Треба да се покачи придонесот за пензиско осигурување, кој во Македонија е меѓу најниските во Европа, а и беше значајно намален во времето на Груевски, од 21 на 18 проценти. И при двете овие работи, мора да се внимава зголемувањето да не падне на грбот на работниците, односно да се предвиди дека нето платата на работниците не смее да се намали поради повисоките придонеси. Трето, мислам дека треба повеќе да се посвети внимание на конструктивни мерки, како креирање нови работни места, формализирање на неформалната вработеност и покачување на платите. Со тие мерки не само што директно ќе се зголемат приходите на фондот, туку и ќе се заживее економската активност, што ќе има двоен ефект, оценува Јовановиќ. 

Фискалниот совет во предлог мислењето дадени кон Фискалната стратегија 2025-2029 година предложи од 2026 година да се зголеми границата за одење во пензија на 67 години и постепено да се зголемува придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Реакции имаше од Сојузот на синдиакти на Македонија, а од Владата нагласија дека во моментот не се размислува за вакво нешто.